Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, учествуваше на Интерпарламентарната конференција за Заедничката надворешна и безбедносна политика и Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија (CFSP/CSDP), која се одржа во Даблин, Ирска.
На конференцијата парламентарни претставници од европските земји дискутираа за актуелните безбедносни предизвици и иднината на европската безбедност.
Ковачевски се обрати на темата „Одбрана на демократијата – хибридни закани, критична инфраструктура и општествена отпорност“, претставувајќи ја перспективата и искуствата на Македонија.
Тој посебно ги истакна предизвиците поврзани со дезинформациите, сајбер-нападите и странското влијание, како и потребата од зајакнување на демократските институции и довербата на граѓаните.
Во своето обраќање ги презентираше и конкретните чекори преземени во Северна Македонија, меѓу кои законското уредување на проверката на инвестициите во критичните сектори и инвестициите во државен дата-центар, кој ќе овозможи обновување на податоците во случај на катастрофи.
Според Ковачевски, одбраната на демократијата не е само прашање на безбедност, туку подразбира силни институции, сигурна критична инфраструктура и општество кое има капацитет да се спротивстави на обидите за поделба, манипулација и поткопување на довербата.
Тој нагласи дека европската интеграција и членството во НАТО се важни столбови на безбедноста, стабилноста и демократската иднина на Македонија.






