Две безживотни тела се пронајдени во и покрај опожарен автомобил на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село во Богданци, дознава 4news.mk. Едното лице е идентификувано како 21-годишниот В.Г. од Богданци, додека идентитетот на второто лице се утврдува.
Според полициските информации, случајот бил пријавен на 3 ноември во 18:40 часот. Т.К. од Богданци пријавил дека забележал опожарено паркирано возило, а во негова близина и безживотно тело, потврдуваат од МВР.
Полициски службеници од Гевгелија веднаш се упатиле на местото, каде покрај возилото го пронашле В.Г., кој не давал знаци на живот. Екипа на Итната медицинска помош при Општата болница во Гевгелија констатирала смрт.
Откако пожарникарите го локализирале пожарот, во возилото било пронајдено уште едно лице без знаци на живот.
За настанот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и бил извршен увид. По негова наредба, телата се предадени на обдукција за утврдување на идентитетот, односно причините за смртта.
Полицијата презема мерки за утврдување на околностите и за целосно расчистување на случајот.






