Навивачки инцидент ја одбележал вечерта во скопската населба Аеродром, каде што пред натпреварот од кошаркарската Супер лига меѓу Скопје 2023 (поранешен Маџари) и Работнички, дошло до пресметка меѓу навивачките групи на МЗТ Скопје и Работнички.
Според неофицијалните информации, судирот се случил во близина на спортската сала „Јане Сандански“. Иако МЗТ Скопје не беше дел од натпреварот, гостувањето на навивачите на Работнички во салата на вечниот ривал било повод за нивна средба со навивачите на домашниот клуб.
Според дел од информациите, во пресметката имало повредени навивачи кои биле пренесени во болница. По инцидентот, околу салата било забележливо засилено полициско присуство со цел да се спречат евентуални нови судири.
Министерството за внатрешни работи засега нема официјално потврдено дека се случил инцидентот, ниту објавено детали за настанот.
На кошаркарскиот терен, Работнички славеше против Скопје 2023 со 89:79 и го задржа максималниот учинок во првенството, со пет победи од исто толку одиграни кола.






