Според метеоролошките прогнози, студеното и дождливо време ќе се задржи и во наредните денови, при што во планинските предели на Босна и Херцеговина се очекува снег и негово таложење.
Првите снегулки се појавија вечерва на Јахорина и Равна Романија во БиХ, по слабиот дожд што паѓаше претходно во текот на денот и последователниот пад на температурата. Снегот почна да паѓа околу 17:30 часот, што се совпадна со дополнителен пад на температурата. Вечерва се очекуваат меѓу пет и 15 сантиметри снег, додека на највисоките врвови би можеле да наврнат околу 20 сантиметри.
Хидрометеоролошкиот завод најавува облачно и постудено време, проследено со пообилни врнежи од дожд и повремено силен ветер.
Во ридско-планинските предели се очекува дожд измешан со снег, како и снег, што ќе доведе до формирање снежна покривка. Најинтензивни врнежи од снег се предвидуваат на планините во источниот дел од земјата. Според Федералниот хидрометеоролошки завод, облачното и дождливо време ќе се задржи низ цела Босна и Херцеговина во наредните денови, додека на планините ќе продолжи да паѓа снег.
Во недела ќе дува слаб до умерен ветер од северен и североисточен правец со дожд, а на планините снегот ќе продолжи да паѓа и во понеделник. Пообилни врнежи се предвидуваат на северот од земјата, проследени со умерен ветер од источен и североисточен правец. Слични временски услови ќе се задржат и во вторник, при што метеоролозите повторно најавуваат дожд во пониските предели и снег на планините.






