Битолскиот градоначалник Тони Коњановски на седница на општинскиот Совет рече дека многупати реагирал за движењето на коњите и козите низ битолските улици, но решавањето на проблемот оди бавно.
„Некако бавно ни одат работите, без никого да обвинувам. Несфатливо е, јас се чувствувам немоќен. Истото во Скопје се случи, коњ се ождреби на булевар. Во Битола имаме трла на 200 метри од поранешен ресторан и за тоа треба сите да притиснеме, и како граѓански сектор, и како советници, и ние како локална самоуправа, да го решиме проблемот. Неколку пати беа дојдени комунални инспектори, имаа неколку неуспешни акции оти некој ги пробил акциите, кажувал, па не можеа да се најдат козите, кои ќе стигнат до Широк Сокак, за жал. И тоа мора да го превенираме“, рече Коњановски.
Битолчани и советниците во изминатиот период многупати реагираа на ситуациите кога домашни животни – коњи, крави и кози – се шетаат низ Битола како да е село. На битолчани им е познат и сопственикот на козите, кој претходно одгледуваше свињи во битолско село, а кои во 2011 година ја нападнаа мајка му.
На новинарски прашања што претходно сме ги доставувале до Општина Битола за тоа што се презема во врска со животните низ улиците, ни беше кажано дека општинскиот инспекторат врши редовен надзор и презема превентивни, но и казнени мерки против лицата кои ги прекршуваат законите и одлуките. Но, има ситуации кога сопствениците не се затекнати на терен.
Оттаму појаснија дека имаат донесено Одлука за комунален ред во Општина Битола, па според член 103, на подрачјето на градот, во границите на градежниот опфат, се забранува чување на секаков вид ситна и крупна стока, перјеста живина и пчелни семејства. Забрането е задржување, напасување и хранење на стока и живина на јавните површини.
Доколку на јавна површина затекнат крупна и ситна стока (коњи, крави, овци, магариња, живина, мазги, кози и слично), без да е присутен сопственикот, истите, по налог на комуналниот инспектор, се отстрануваат и сместуваат во посебен простор во Зоолошката градина во Битола до 15 дена. Сопственикот е должен да ги плати трошоците за отстранување, транспортирање и чување на добитокот, како и надоместокот за штетата што животното ја сторило на зелена и јавна површина.






