Фонтаната пред салата „Македонија“ во Прилеп, која ги симболизира шесте републики на поранешна СФР Југославија, повторно е пуштена во функција. Нејзиното уредување беше дел од активностите по повод Денот на македонската револуционерна борба, објави „Маркукуле“.
По долг период во кој стоеше празна и пропаѓаше, фонтаната е исчистена и обновена, а скулптурите се бојадисани.
Според информациите што ги пренесе порталот, локалната самоуправа најавува дека ова е почеток на уредувањето на паркот пред салата „Македонија“.
За самата сала, пак, од Владата е најавена целосна реконструкција во наредните две години. Обновувањето на фонтаната е првиот видлив зафат во просторот пред објектот, додека поширокото уредување на паркот и реконструкцијата на салата остануваат најавени активности.






