Протести денеска се одржаа во Мадрид за заштита на јавниот пензиски систем, зачувување на куповната моќ на пензионерите и посилни мерки за социјална заштита.
Демонстрантите се спротивставија и на евентуални обиди за приватизација на пензискиот систем.
„Гарантирана пензија“ и „Да ги заштитиме пензиите“ без транспарентите кои тие ги држеа за време на протестниот марш.
Според организаторите, на протестот учествувале околу 50 000 луѓе, додека градските власти проценуваат дека имало околу 25 000 учесници.
Маршот го организираше Државната координација за одбрана на јавниот пензиски систем, а демонстрантите се движеа од железничката станица „Аточа“ до улицата „Алкала“.
Учесниците на протестот порачаа дека пензиите мора да бидат гарантирани и дека нивниот износ треба да се усогласува со реалниот раст на потрошувачките цени за да се зачува животниот стандард на пензионерите.
Прашањето за иднината на пензискиот систем е меѓу главните политички теми во Шпанија, заедно со кризата со домувањето и зголемените трошоци за живот.
Владата на премиерот Педро Санчез ја обвинува десничарската Народна партија дека сака да го отвори патот за делумна приватизација на пензискиот систем.
Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феихо, во понеделникот изјави дека неговата партија ќе ги зголемува пензиите во согласност со законот доколку победи на предвремените парламентарни избори закажани за 29 ноември.
Инаку, Шпанската социјалистичка работничка партија тврди дека Народната партија сака да го промени механизмот за усогласување на пензиите со инфлацијата.
Според податоците на шпанското Министерство за социјално осигурување, просечната месечна пензија во септември изнесува 1 576 евра.






