домаМакедонијаДрвото на Македонецот мора да преживее

Дрвото на Македонецот мора да преживее

- Advertisement -spot_img

Кога една заедница колективно ќе инвестира емоција во одредена идеја, таа идеја може да продолжи да живее и покрај силните докази дека повеќе не одговара на реалноста. Ја исправаме, ја врзуваме со јажиња, ја потпираме од сите страни и се убедуваме дека повторно ќе пушти корен.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Веројатно долго ќе се памети неодамнешното невреме во Скопје, кое уништи голем број дрвја, автомобили, покриви на новоизградени и стари згради, а повеќе од дваесетина скопјани завршија со повреди во болниците низ градот.

Она што мене ми остана од тоа ураганско попладне, како настан за кој продолжив да размислувам, беше „единството“ на соседите од една зграда во скопски Аеродром, кои решиле дека ќе го спасат локалното дрво.

Зборот „единство“ го ставам во наводници затоа што, додека првично читав за настанот, на некој начин бев радосен поради речиси фаталистичката опседнатост на луѓето да спасат едно дрво. Во време кога соседите сè помалку се познаваат, а уште поретко заеднички преземаат нешто, самата слика на луѓе собрани околу една цел изгледаше речиси утешително.

Сè додека не ги погледнав фотографиите.

Дрвото беше целосно откорнато. Коренот беше изваден од земјата, гранките речиси целосно скратени, а стеблото очигледно сериозно оштетено. Сепак, соседите го кревале и го враќале кон неговата основа, со идеја, како што стои во нивната објава, дека можеби повторно ќе се врати во живот.

За зафатот да биде безбеден, односно додека дрвото „се враќа“ во живот да не падне врз некого, соседите го фиксирале со јажиња за околните објекти, со цел да остане исправено.

Во коментарите под објавата на социјалните мрежи имаше многубројни пораки со охрабрување за единството на луѓето, честитки за направеното и воодушевување од нивната иницијатива. Имаше и по некој, во далеку помал број, кој прашуваше дали се консултирале со земјоделски инженер или со друг вид стручно лице од локалната власт, кое би требало да даде проценка дали нивниот зафат воопшто има логика или, можеби, претставува уште поголем безбедносен ризик.

Се разбира, ваквите коментари веднаш беа обележани прилично остро и со тврди напади.

На прв поглед ме фасцинираше фатализмот на моите сограѓани. Но, по извесно време сфатив дека мојата првична перцепција е погрешна и дека овде, всушност, не станува збор за фатализам. Потрага по вистинските основи на ова однесување ја побарав во филозофијата, социологијата, психологијата и когнитивната наука и реално увидов неколку поими кои, земени заедно, можат да го објаснат ваквото однесување.

Фатализам би бил ставот: „Дрвото паднало, ништо не можеме да направиме.“ Во оваа ситуација се случува токму спротивното. Луѓето активно преземаат нешто за кое постои голема веројатност дека нема да успее, но во кое сепак вложуваат труд, емоција и колективно уверување.

Следниве поими и објаснувања се најблиски за овој настан !

Првиот би бил „магиско размислување“, и тоа е веројатно најсилниот кандидат.

Магиското размислување е верување дека желбата, симболичниот чин или ритуалот можат да ја променат физичката реалност, иако не постои јасна причинско-последична врска. Во овој случај логиката би гласела: „Ако го исправиме дрвото и го врземе, природата ќе се врати назад.“

Тоа не значи дека луѓето нужно се неразумни во секоја друга животна ситуација. Магиското размислување често се појавува кај сосема рационални луѓе кога тие се соочуваат со загуба што тешко ја прифаќаат. Потребата нешто да се направи станува посилна од прашањето дали тоа нешто навистина има ефект.

Вториот поим што може да го објасни овој настан е „колективна заблуда“.

Ова во конкретниов случај би бил само социолошки опис. Групата меѓусебно си го потврдува истото верување. Поединецот можеби би се посомневал, но кога дваесет соседи велат: „Ќе се фати“, почнува да му се чини дека таквото верување е нормално, разумно, па дури и очигледно.

Сомнежот се повлекува пред групната сигурност. Колку повеќе луѓе учествуваат, толку потешко е некој да каже дека целата операција можеби нема смисла.

На трето место е терминот „колективна ирационалност“.

Овој поим често го користат економисти, филозофи и социолози за ситуации во кои луѓе што поединечно можат да бидат рационални, како група носат очигледно неразумни одлуки.

Тоа го гледаме кај пирамидалните шеми и финансиските балони, но и во состојби на масовна паника, политички култови, теории на заговор и групни движења во кои луѓето почнуваат да ја прифаќаат логиката на мнозинството само затоа што е мнозинство.

Во такви ситуации, бројноста на уверувањето се заменува со неговата точност. Ако многу луѓе веруваат во нешто, тоа почнува да изгледа како доказ дека тоа нешто е вистинито.

Четвртиот поим што можеме да го употребиме е класичното „негирање“.

Паднатото дрво не е само дрво. Тоа е дел од маалото, од неговата историја, од детските спомени, од сенката во која некој седел, од погледот од прозорецот, од чувството дека просторот околу нас е постојан.

Прифаќањето дека тоа дрво е неповратно изгубено може да биде психолошки болно. Тогаш мозокот избира поинаква верзија на реалноста: „Не е готово.“

Негирањето во овој случај не се манифестира како пасивно одбивање да се види загубата, туку како активна операција за нејзино поништување. Дрвото физички се враќа на своето место како со тоа да може да се врати и времето пред невремето.

Постои уште еден термин што, да бидам искрен, и мене ми беше непознат – „апофенија“.

Тоа е состојба во која човечкиот мозок гледа шеми, поврзаности и правила таму каде што тие реално не постојат. Некој ќе рече: „Пред десет години исправија едно дрво и еве го, уште живее“, иако станувало збор за сосема друг вид дрво, поинакво оштетување, поинаква состојба на коренот или целосно различен зафат.

Сепак, како најприфатливо објаснување го земам поимот што го опишува ова како бегство од реалноста во фикција.

Причината би била затоа што реалноста понекогаш е неподнослива, а приказната што самите ќе ја создадеме е полесна за живеење од признавањето на загубата.

Подобро е да веруваме дека дрвото ќе оживее отколку да признаеме дека е мртво. Подобро е да се гледаме себеси како луѓе што се бореле и го спасиле, отколку како луѓе што стоеле и гледале како надлежните го отстрануваат.

И токму овде веројатно се соочуваме со посериозно прашање.

Проблемот не е само во тоа што луѓето мислат дека дрвото ќе преживее. Проблемот е што емоционалната потреба да се зачува симболот станува посилна од емпириската реалност и од безбедносниот ризик. Во тој момент фактите повеќе не се главниот критериум за одлуката.

Дрвото може да падне. Јажињата може да попуштат. Некој може да биде повреден. Но, секое предупредување се толкува како напад врз единството, како цинизам или како желба да се уништи нешто што групата решила да го спаси.

Овој механизам на однесување веќе е препознатлив образец во Македонија. Идентитетот, емоциите и групната припадност многу често имаат поголема тежина од доказите. Наместо да се запрашаме дали нешто е вистинито, корисно или безбедно, ние се прашуваме дали е „наше“, дали во тоа веруваат „нашите“ и дали сомнежот ќе нè направи предавници на групата.

Тогаш фактите престануваат да бидат средство за разбирање на светот и стануваат непријатност што треба да се отстрани.

Овој пример не е само за дрвото во населбата Аеродром.

Истата логика кај нас се појавува во политиката, економијата, религијата, институциите, па дури и во семејните односи. Кога една заедница колективно ќе инвестира емоција во одредена идеја, таа идеја може да продолжи да живее и покрај силните докази дека повеќе не одговара на реалноста.

Ја исправаме, ја врзуваме со јажиња, ја потпираме од сите страни и се убедуваме дека повторно ќе пушти корен.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img