Пет лица се уапсени во Србија во продолжение на полициската акција „Армагедон“, поради сомнение дека сториле кривични дела поврзани со сексуална експлоатација на деца преку интернет и сексуално вознемирување. Против уште едно лице е поднесена кривична пријава во редовна постапка, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.
Уапсените се од Белград, Прокупље, Суботица и Сремска Митровица, а се сомничат дека подолг период преку интернет-апликации преземале, чувале и споделувале фотографии и видеозаписи со сексуална злоупотреба на деца.
Според полицијата, дел од осомничените користеле лажни профили на социјалните мрежи за да стапуваат во контакт со малолетни лица, да им испраќаат недозволени содржини и да прибавуваат материјали со нивна сексуална експлоатација.
При претресите на домовите, како и при проверката на компјутери и друга електронска опрема, биле пронајдени поголем број фотографии и видеозаписи, како и пораки со сексуална содржина за кои постои сомнение дека биле користени за вознемирување на деца и малолетни лица.






