Околу 4.000 посетители синоќа ја избраа „Бела ноќ“ во Националниот археолошки музеј – Скопје, со што музејот забележа рекордна посетеност и уште еднаш потврди дека интересот за културното наследство кај македонската публика е во пораст.
Уште пред официјалното отворање на вратите во 19:00 часот, пред музејот имаше голем број посетители, а во текот на целата вечер просторот беше исполнет со граѓани кои дојдоа да ги разгледаат археолошките поставки, да ги откриваат артефактите и да го доживеат музејот во поинаква, ноќна атмосфера.
„Пресреќни сме што околу 4.000 наши сограѓани синоќа го избраа Националниот археолошки музеј. Особено радува фактот што имавме посетители од сите генерации – од најмалите деца и семејства, до највозрасните, како и бројни познати личности. Ова за нас е најубавата потврда дека музејот станува место кое граѓаните сакаат да го посетуваат, да го откриваат и во кое сакаат да поминуваат време, изјави директорката на Националниот археолошки музеј – Скопје, Магдалена Манаскова.
Според Манаскова, големиот интерес е потврда на определбата на музејот да го приближи културното наследство до јавноста и да создава нови начини на комуникација со посетителите.
„Нашата визија е музејот да биде живо, отворено и достапно место за сите. Синоќешната „Бела ноќ“ покажа дека кога ќе им понудиме на граѓаните причина да влезат во музејот, тие со задоволство ја прифаќаат поканата. Задоволството беше взаемно, додаде Манаскова.






