До декември 2023-та година според тендер требаше да заврши реконструкцијата на овој фудбалски стадион во гостиварското село Чегране.
Речиси три години подоцна нема ниту трева на теренот ниту функционална спортска инфраструктура. За овдешните жители тоа што фудбалскиот стадион е руиниран наместо реконструиран е најголема болка.
„Фала Богу, му треба. Сè што може да направи ново, сè е добредојдено, но стадионот, колку што можам да видам, е катастрофа. Реновирањето треба да се направи и треба малку подобро да се види“.
„Туку тие што прават, како го прават, ни Бог не знае. Некој тендер го земал. И останал така како што е. Сега Чегране го користи во Гостивар. Па фала на нив што пуштат“.
Од Центарот за граѓански комуникации кои ја анализирале ова јавна набавка велат дека Агенцијата за млади и спорт во март 2023 година склучила договор со фирма изведувач во вредност од околу 112 илјади евра, а досега се исплатени околу 70 илјади евра.
Во Електронскиот систем за јавни набавки не нашле анекси на договорот. Евидентирале документи на надзорна фирма која тврди дека се работи на проектот, но втор надзор во 2025-та констатира дека нема градежни активности.
„Случајот во Чегране е еклатантен пример за слабостите во контролата на реализацијата на договорите за јавни набавки. И покрај постоењето на јасно утврдени рокови, надзор и договорни казни за доцнење, договорот истекол, значителен дел од средствата е исплатен, а стадионот не е ставен во функција. Отсуството на јасен одговор дали се преземени мерки за неисполнувањето на договорот го отвора прашањето дали постојните контролни механизми навистина обезбедуваат одговорност за реализацијата на јавните набавки, односно одговорност во трошењето на јавните пари“ – велат од Центарот за граѓански комуникации.
Од Министерството за спорт, како правен наследник на Агенцијата за млади и спорт, реагираа дека врз основа на документација презеле правни мерки. Според нивниот одговор до ТЕЛМА поради неисполнување на договорните обврски од страна на изведувачот, договорот е раскинат на 10 ноември 2025 година.
„Министерството ја наплати банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот, во висина од 5% од неговата вредност. Во врска со извештаите доставени од надзорните органи, нивната содржина се однесува на периодите во кои бил вршен надзорот и ја отсликува реалната ситуација на терен за периодот кога се извршени“ – соопштија од Министерството за спорт.
Воедно велат дека ќе продолжат во насока на создавање услови за реализација на проектот со цел спортскиот терен да биде ставен во функција.






