Јасните пораки за македонскиот идентитет и јазик што претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен ги испрати од Скопје предизвикаа силни реакции во соседна Грција и отворија нов политички фронт меѓу поранешниот премиер Андонис Самарас и актуелната влада на Кирјакос Мицотакис.
Самарас реагираше токму на изјавата на Фон дер Лајен по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, во која таа порача дека Европа ја поздравува Македонија со нејзиниот идентитет и јазик и дека македонската култура и јазик можат да ја направат Унијата побогата.
Пораката од Скопје добива дополнителна политичка тежина бидејќи доаѓа во период кога македонската Влада и дипломатија инсистираат европската интеграција да значи реформи и европеизација на институциите, а не отворање на идентитетските прашања.
Токму оваа позиција сега станува предмет на политичка пресметка во Атина. Самарас ја обвини владата на Мицотакис дека молчи пред ваквиот развој на настаните, оценувајќи дека ситуацијата за Грција станала „многу полоша“ од онаа создадена со Преспанскиот договор.
Реакцијата од Атина индиректно ја покажува тежината на дипломатските пораки испратени од Скопје. Наместо Македонија да биде ставена во позиција постојано да го објаснува сопствениот идентитет, претседателката на Европската комисија од македонската престолнина испрати недвосмислена порака за македонскиот јазик, култура и идентитет.
Тоа што оваа порака предизвика реакција на поранешен грчки премиер и нова внатрешнополитичка конфронтација во Грција покажува дека поактивниот и посамоуверен дипломатски настап на Скопје веќе произведува политички ефекти и надвор од земјата.
Освен во Грција, пораки по посетата на Фон дер Лајен во Скопје одекнаа и во Бугарија.






