Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 36-годишен скопјанец осомничен за семејно насилство, телесна повреда, загрозување на сигурноста и предизвикување општа опасност. За него е предложена мерка притвор поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.
Според Обвинителството, настанот се случил синоќа околу полноќ во семеен дом во Скопје. Осомничениот најпрво почнал да вика и да се заканува на сопругата и на нивните две малолетни деца, на возраст од шест и четири години, со намера да ги вознемири и заплаши.
Кога сопругата побарала да престане, тој ја фатил за раката и ја турнал, при што и нанел телесни повреди. Потоа почнал да крши покуќнина и со клуб маса замавнал кон мајката на сопругата, која исто така била повредена на ногата и во градниот кош.
Од Обвинителството наведуваат дека осомничениот се заканувал дека ќе ги убие членовите на семејството, а во еден момент извадил и нож со кој замавнувал, предизвикувајќи чувство на страв и несигурност кај оштетените.
Сопругата успеала телефонски да ги повика својот брат и татко. Кога тие пристигнале, осомничениот продолжил и ним да им се заканува со нож. Потоа од боксот во дворот го пуштил своето куче од расата шарпланинец, кое гризнало еден од оштетените на надлактицата и потколеницата.
ОЈО Скопје го товари осомничениот за кривичните дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и предизвикување општа опасност. Јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.








