Лесната пешадиска баталјонска група на македонската Армија демонстрира вештини од различен вид на настан во Штип денеска по повод успешно реализираната вежба „Блесок 26“.
Пред бројни граѓани на градскиот стадион во Штип беа изведени показни активности на единиците на Армијата, меѓу кои приказ на алпинистички и боречки вештини, активности со службени кучиња, строев настап на Баталјонот за почести, како и презентација на армиски возила, вооружување, воздухопловна опрема и хеликоптер Ми-8/17.
На настанот присуствуваа и претседателката Гордана Силјановска Давкова, во својство на врховна командантка на вооружените сили, заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Лесната пешадиска баталјонска група доби високи оценки за подготвеноста, согласно НАТО процедурите и стандардите. Силјановска Давкова оцени дека Армијата претставува еден од најсилните столбови на стабилноста и безбедноста, подготвена да одговори на современите предизвици и да биде потпора на државата и граѓаните. Таа порача дека, иако мирот за неа останува највисока вредност, времињата во коишто живееме бараат будност и подготвеност.








