Преспанско Езеро влегува во нов, ризичен период откако снегот на преспанската страна на планините Баба и Галичица речиси целосно се стопи. Според анализата на професорот Дејан Трајковски, во следните три-четири недели, во езерото ќе пристигне последниот поголем доток од истопениот снег, по што ќе започнат летниот период и намалувањето на нивото на водата во езерото.
– Со завршувањето на дотокот од истопениот снег и со почетокот на летните жештини, линијата на водостојот неминовно ќе тргне во надолна линија – посочува Трајковски.
Тој предупредува дека дополнителен проблем претставува климатскиот феномен Ел Нињо, за кој годинава се прогнозира дека ќе биде еден од најсилните во последните децении. Овој феномен веќе предизвикува екстремни временски појави низ светот – од поплави и урагани во делови на Америка до суши и пожари во Австралија и во Југоисточна Азија. Според Трајковски, иако Европа е под послабо влијание, ефектите, сепак, ќе се почувствуваат и на Балканот, особено преку долги топлински бранови и суши.
– Кога на долгорочниот тренд на загуба на вода од Преспанско Езеро ќе се надоврзе силен Ел Нињо со екстремни летни температури, езерото се наоѓа под двоен притисок – наведува тој.
Професорот објаснува дека високите температури во текот на летото значително го зголемуваат испарувањето на водата, а дополнителен проблем е тоа што зимските врнежи сè почесто паѓаат како дожд наместо како снег.
– Без долготрајно топење на снегот напролет, дотокот на вода во езерото е намален и нивото почнува да се намалува уште од јуни – предупредува тој.
Според податоците што ги објави во фејсбук-статус, моменталниот водостој на Преспанско Езеро изнесува минус 567 сантиметри, што е подобра состојба во споредба со минатата година, кога нивото било минус 618 сантиметри. Сепак, и покрај подобрувањето по влажната зима, прогнозите за летото и за есента остануваат негативни.
– Преспа, како систем, во моментов има сериозен дефицит во напојувањето со вода, така што секој сув и врел циклус дополнително го празни езерото – оценува Трајковски.
Тој заклучува дека комбинацијата на Ел Нињо и глобално затоплување, најверојатно, ќе има негативно влијание врз состојбата на езерото во претстојните месеци, со ново намалување на нивото во текот на летниот и на есенскиот период.








