Мајката на девојката која беше брутално претепана во Охрид, Ирена Ѓорѓиеска, јавно проговори за случајот, изнесувајќи сериозни обвинувања против осомничениот, но и против членови на неговото семејство.
Во својата реакција, таа тврди дека момчето кое го посочува како одговорно за нападот врз нејзината ќерка Сара било пуштено на слобода, поради што девојката стравува за сопствената безбедност.
Особено внимание предизвикува фактот што таа посочува дека мајка на осомничениот е Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), додека негов татко е Гоце Корабоски, кого мајката на девојката го посочува како инспектор во Управата за јавни приходи.
Во јавното обраќање, тврди дека осомничениот Кристијан во повеќе наврати се фалел со влијанието на своите родители, уверувајќи дека тие можат да го заштитат од какви било последици.
Според нејзините тврдења, најстрашните моменти се случиле додека Сара била во тешка здравствена состојба. Мајката наведува дека Кристијан, мислејќи дека девојката е мртва, контактирал со својот татко за да побара помош околу отстранувањето на нејзиното тело.
„Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“, се зборовите кои, според мајката, Сара ги слушнала додека била во беспомошна состојба.
Таа тврди и дека пред нападот намерно бил искршен телефонот на нејзината ќерка, со што ѝ била оневозможена комуникацијата и повикувањето помош.
Во објавата се изнесуваат и обвинувања дека лица од опкружувањето на осомничениот одбиле да ја однесат повредената девојка во болница, иако таа ги молела за помош. Мајката наведува и дека Кристијан во еден момент побарал нож, со намера да ја „докрајчи“.
„Уште пострашно е сведочењето дека во тој момент Кристијан побарал нож и сакал да ја „докрајчи“. Најголемата среќа во целата оваа трагедија е што Сара дошла при свест пред напаѓачот да успее да ја однесе и да ја фрли во некоја провалија. Токму затоа, кога сфатил дека таа се освестила, ја фрлил на улица“, вели мајката.
Според нејзиното сведочење, Сара успеала да се освести пред да биде однесена на друга локација, по што осомничениот ја оставил на улица.
Мајката упатува сериозни обвинувања и кон тетката на осомничениот, за која тврди дека контактирала со болницата во која е хоспитализирана Сара, со цел да се влијае врз медицинскиот извештај и да се прикаже помала сериозност на повредите.
Во својата реакција, го отвора и прашањето за евентуално политичко и институционално влијание врз случајот. Таа наведува дека семејството на осомничениот има влијателни познанства и поставува прашање дали токму тие врски можат да влијаат врз постапката.






