Македонија е на 41. место меѓу 48 европски економии според проектираниот бруто-домашен производ (БДП) по жител, а проценката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) е дека тој ќе изнесува 11.700 долари, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој посочи дека во регионот пред Македонија се Србија, Црна Гора и Албанија, оценувајќи дека податоците на ММФ ја покажуваат реалната состојба на македонската економија, спротивна на тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски за економските резултати на земјата.
„Ова е реалната состојба на македонската економија. Не бајките на Христијан Мицкоски за трета економија во Европа. Не лагите за најбрз раст на платите и пензиите. Граѓаните оваа реалност многу добро ја знаат и ја чувствуваат секој ден“, изјави Филипче.
Како главни проблеми ги посочи високите цени и недоволниот раст на платите, наведувајќи дека трошоците за живот стануваат сè поголем товар за домаќинствата.
„Цените се пораснати до плафон, а платите стагнираат. Кошничката е 90.000 денари и ниту три плати не се доволни да се покријат месечните трошоци“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче обвини дека во изминатите две години земјата се задолжила со нови четири милијарди евра, а како дополнителни проблеми ги посочи најавеното поскапување на електричната енергија и парното греење, како и отсуството на зголемување на минималната плата.
„Пари во буџетот нема, пари за граѓаните нема, но знаеме каде има – кај Мицкоски и неговата банда“, рече Филипче.






