домаМакедонијаСамо 13 општини имаат младински центри

Само 13 општини имаат младински центри

- Advertisement -spot_img

Само 13 од вкупно 81 општина во Македонија имаат младински центри, иако Законот за младинско учество и младински политики предвидува нивно воспоставување на локално ниво.

Податоците за 2025 година покажуваат дека достапноста на овие услуги за младите останува ограничена, а голем дел од општините сè уште не ги исполнуваат обврските предвидени со законот.

Според Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2026 година, младински центри и младински канцеларии постојат во 13 општини. Истовремено, само 24 општини имаат локални младински совети, а 17 усвоиле локална стратегија за млади. Тоа значи дека младински центри имаат околу 16 проценти од општините во земјата. Во преостанатите општини младите немаат ваков институционален простор на локално ниво.

Која е целта на младинските центри?

Младинските центри не се само простории за собирање на младите. Тие треба да бидат места каде што младите можат да учествуваат во работилници, неформално образование, културни и спортски активности, да добијат информации и поддршка за вработување, но и да ги изнесуваат своите потреби и да учествуваат во креирањето локални политики.

Нивната улога е да им овозможат на младите да бидат активни во заедницата, да развиваат вештини и да учествуваат во донесувањето одлуки што ги засегаат.

Сепак, податоците покажуваат дека воспоставувањето на овие центри не се одвива со очекуваното темпо. Европската комисија во најновиот извештај забележува дека спроведувањето на Законот за младинско учество и младински политики останува недоволно, а сè уште недостигаат и извештаи за реализацијата на Националната стратегија за млади за периодот 2023–2027 година.

Каква е состојбата во другите земји?

Слични предизвици има и во Црна Гора, но достапните податоци покажуваат поширока мрежа на младински услуги во однос на бројот на општини.

Според Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во Црна Гора биле воспоставени 11 младински услуги во 11 општини. Во нив се вклучени младински клубови и младински центри, кои нудат активности од областа на образованието, здравјето, културата, вработувањето, учеството на младите и превенцијата од насилство.

Црна Гора има вкупно 25 општини, што значи дека овие услуги се присутни во околу 44 проценти од локалните самоуправи. За споредба, во Македонија младински центри има во околу 16 проценти од општините. Разликата е значителна, но треба да се има предвид дека црногорскиот податок ги опфаќа и младинските клубови, а не само центрите. Затоа процентите не претставуваат целосно споредлив показател.

Законот постои, но неговото спроведување заостанува

Во Македонија Законот за младинско учество и младински политики беше донесен во 2020 година. Со него беа предвидени механизми преку кои младите ќе добијат поголемо учество во локалните процеси, меѓу кои младински центри, локални младински совети, младински канцеларии и локални стратегии за млади.Но, шест години подоцна, податоците покажуваат дека овие механизми сè уште не се воспоставени во најголемиот дел од општините.

Покрај младинските центри, во 2025 година бројот на општини со локални младински совети се намалил од 28 на 24. Тоа значи дека во 57 општини нема вакво тело преку кое младите би можеле организирано да учествуваат во локалното одлучување.

Европската комисија предупредува и дека сè уште нема јавно достапни извештаи за спроведувањето на Националната стратегија за млади и нејзиниот акциски план, додека новиот акциски план за периодот 2026–2027 година и Законот за младинска работа сè уште се во постапка.

Податоците покажуваат дека предизвикот не е само во отворањето младински центри, туку и во обезбедувањето средства, програми и луѓе што ќе работат со младите, за овие простори да функционираат континуирано, а не само формално да постојат.

Промена на институцијата надлежна за младинските политики

Кога Законот за младинско учество и младински политики беше донесен во 2020 година, неговото спроведување беше во надлежност на Агенцијата за млади и спорт. Со реорганизацијата на државната управа во 2024 година, Агенцијата беше укината, а надлежностите поврзани со младинските политики преминаа во новоформираното Министерство за социјална политика, демографија и млади. Надлежностите од областа на спортот беа префрлени во Министерството за спорт.

На тој начин, институционалната промена создаде дополнителни тешкотии во спроведувањето на законот. Националниот младински совет на Македонија во мониторинг-извештајот за 2025 година наведува дека Министерството сè уште не можело целосно да ги преземе сите надлежности, меѓу другото и поради потребата од усогласување на Законот за младинско учество и младински политики со новата институционална поставеност.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img