Репрезентацијата до 19 години на стартот од турнирот што се одржува во Македонија освои бод откако во првото коло играше без голови во соочувањето со Северна Ирска. Составот предводен од селекторот Димитар Капинковски одигра добар натпревар и имаше можност на крајот и да се радува на победа
“Репрезентацијата на Северна Ирска е навистина квалитетен состав со многу добри поединци кои настапуваат во англиската Премиер лига. Одигравме борбен и крајно неизвесен натпревар во кој имавме свои моменти и можевме да стигнеме до три бода. Секогаш е тешко да се одигра првиот натпревар на секој турнир, но фудбалерите дадоа максимум и јас сум задоволен од тоа што го прикажаа”, изјави селекторот.
В сабота репрезентацијата ја очекува нов и уште поголем предизвик, а тоа е соочување со првиот фаворит во групата, селекцијата на Швајцарија која во првото коло триумфираше над Малта со 6:0.
“Швајцарија е најдобро рангирана селекција во нашата група. Немаме причина предвреме да се предаваме, овие фудбалери се подготвени за надигрување и докажување и сметам дека овој состав има квалитет да одигра еден рамноправен натпревар со фаворизираниот противник”, заврши Капинковски.
Натпреварот против Швајцарија се игра во Турново со почеток од 13 часот, а во последната рунда од турнирот противник ни е Малта, а тој меч е на програмата на 17 овој месец и ќе почне во истиот термин.






