Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски извести дека од денеска започнува најмасовната еко-акција на Балканот, Генералка викенд, која годинава ќе мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини, повеќе од 600 организации, јавни институции, приватни компании и над 250 државни институции.
„Особена чест ми е што денес сме заедно со претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, со госпоѓа Рози Мицкоска, амбасадорот на Австрија Мартин Памер, министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, како и заменичката Ане Лашкоска.
Денешниот настан е силна порака. Порака дека чистата животна средина е заедничка одговорност, дека секој од нас има улога во изгледот на својата улица, своето маало, својот град и својата држава.
Освен во Скопје, оваа голема акција се спроведува на 500 локации ширум Македонија. Тоа покажува дека кога постои волја, кога постои организација и кога постои љубов кон татковината, можеме да направиме голема промена.
За нас, како Град Скопје, чистотата на главниот град е еден од најважните приоритети. Скопје е лицето на Македонија. Скопје е дом на стотици илјади граѓани, град во кој секојдневно живееме, работиме, се движиме, ги растеме нашите деца и ги пречекуваме нашите гости“, кажа градоначалникот.








