Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека верува во прагматизмот на идниот унгарски премиер Петер Маѓар и изрази големо задоволство од исходот на нивниот вчерашен телефонски разговор за клучни теми за унапредување на односите меѓу двете држави. Вучиќ разговарал со новинарите при отворањето на нов погон на Српската фабрика за стакло во Параќин, пренесе Анадолу.
Вучиќ истакна дека победата на Маѓар на изборите била повод за честитка и дека разговорот поминал подобро од очекуваното.
„Верувам во прагматизмот на господинот Маѓар и во продолжување на патот по кој тргнавме вчера. За мене тоа беше исклучително важен разговор. Како одговорен човек, државник и претседател на Србија, многу сум среќен и задоволен од воспоставениот тон и начинот на кој разговаравме“, порача Вучиќ.
„Ниту тој ја крие својата политичка припадност, ниту јас мојата. Не ги менувам пријателите ниту нешто друго, но наш многу силен и важен интерес е да имаме добри односи со Унгарија, што му го кажав и на идниот премиер Петер Маѓар. Тој го порача истото од унгарска страна. И двајцата изразивме желба за продолжување на блиската соработка и нејзино унапредување.
Разговорот беше подобар од очекуваното, без никакви непријатни тонови, што ме изненади и што, верувам, зборува за решеноста на господинот Маѓар да гради добри односи со Србија“, додаде Вучиќ, нагласувајќи дека ниту од негова страна немало непријатни тонови и дека разговорот го оценува како многу добар, значаен и содржаен.
Говорејќи за соработката, Вучиќ потсети на бројни енергетски и инфраструктурни проекти што ги поврзуваат Србија и Унгарија.
„Имаме многу заеднички проекти. Нашиот гас го складираме во Унгарија, тие настојуваат да станат сопственици на Нафтената индустрија на Србија, а гасот што Унгарија го добива пристигнува преку Србија. И понатаму го имаме проектот за изградба на нафтоводот. Тоа е само дел од енергетските проекти“, рече тој.
„Не ги спомнав ниту железницата, ниту многу други инфраструктурни проекти што нè поврзуваат, а да не зборувам за Унгарците во Србија, Србите во Унгарија и сè останато. Многу работи нè врзуваат со Унгарија, тие ни се први соседи и добро е да имаме најдобри можни односи“, изјави Вучиќ.








