Со едукативни активности во училиштата и со пораки за подигнување на јавната свест, и годинава беше одбележан Денот на планетата Земја. Иако светот зборува за зелена транзиција и одржлива иднина, Македонија и понатаму се соочува со старите еколошки проблеми: од загаден воздух до нефункционален систем за управување со отпадот. Решенијата се движат побавно од потребното. Податоците покажуваат дека државата сè уште плаќа висока цена за долгогодишната негрижа кон природата
По 56. пат, денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на планетата Земја. Од локално движење во 1970 година, прерасна во глобален настан, кој денес мобилизира повеќе од милијарда луѓе во речиси 200 земји. Темата оваа година е „Нашата моќ, нашата планета“, упатувајќи повик за колективна акција наспроти несигурноста што ја носат климатските промени и силните притисоци што се вршат врз регулаторните рамки, и на глобално и на локално ниво, во секоја држава.
Во училиштата низ државата, како секоја година, се одржуваат активности со кои најмладите се потсетуваат на значењето на заштитата на природата. Од ЈП „Национални шуми“, државното претпријатие што се грижи за нашите шуми, нагласуваат дека иницијативата одамна ја надминала рамката на одбележување во само еден ден и се претворила во недела исполнета со активности.
– Настаните се користат за подигање на јавната свест за прашањата за одржливоста, а активистите – за анализирање на денешните сценарија и предлагање конкретни решенија – посочуваат оттаму.
Додека глобалната порака е оптимистичка и повикува на мобилизација на сите чинители за заштита на нашата планета, македонската реалност е дека 22 Април не е само симболичен датум, туку и потсетник дека ги немаме средено односите со природата, што секојдневно го гледаме преку грдите слики со преполни контејнери во градовите и со диви депонии покрај реките, потоците, патиштата… со загаден воздух што го дишеме.
Загадувањето на воздухот е највидливото лице на кризата: околу 3.800 смртни случаи годишно во Македонија се поврзуваат со лошиот квалитет на воздухот, што претставува дури 17,7 % од вкупната смртност. Економската цена од несредениот однос со природата ја чини државата стотици милиони евра годишно, што е и до 8,5 % од бруто домашниот производ.
Главните извори на загадувањето се добро познати и долго време не се менуваат: стар возен парк, индустриски емисии и особено начинот на греење. Дури 61 % од домаќинствата користат дрва за огрев, што директно ја поврзува енергетската сиромаштија со аерозагадувањето. Тоа се речиси 24 % домаќинства што се погодени од енергетската сиромаштија, што јасно покажува дека не може да се одвои еколошката криза во Македонија од социјалната.
– Зелената транзиција не може да биде само еколошко прашање туку мора да биде и социјално – предупредуваат експертите и укажуваат дека без алтернативи решенија, дури четвртина од граѓаните на Македонија остануваат заробени во циклусот на загадување и сиромаштија.
Проблемите не застануваат тука. Управувањето со отпадот е уште една критична точка. Според официјалните податоци, во 2023 година во земјава биле создадени над 878 илјади тони комунален отпад, од кои дури 99,8 % завршиле на депониите. Од Министерството за животна средина велат дека дивите депонии се широко распространети, особено во руралните средини, со сериозни последици за почвата, водите и за здравјето на луѓето.
Паралелно, се загадуваат и водите. Реките како Вардар, Брегалница и Црна Река, како и Охридското Езеро, се соочуваат со загадување од индустриски испусти, од излевање на канализацијата, без пречистување, во речните корита.
Од друга страна, меѓународните извештаи, вклучително и анализите на Европската агенција за животна средина, укажуваат дека Македонија има јасно дефинирани стратегии и планови, но клучниот проблем останува нивната имплементација.
– Законодавството постепено се усогласува со европските стандарди, а интеграцијата во ЕУ се гледа како можност за пристап до фондовите и подобрување на системите. Сепак, хроничниот проблем не е отсуство на стратегии, туку отсуство на доследна имплементација – се посочува во извештајот на Европска таагенција за животна средина.
Пораката на Обединетите нации дека „здравјето на луѓето зависи од здравјето на планетата“ добива особена тежина. Оттаму нагласуваат дека екстремните временски појави, загадениот воздух и небезбедната вода не се апстрактни закани, туку секојдневна реалност што директно влијае врз квалитетот на живот.
Темата годинава, „Нашата моќ, нашата планета“, се обидува да ја врати одговорноста и кај поединецот, но и кај институциите. Како што нагласуваат од иницијативата EarthDay.org, еколошкиот напредок не зависи од една одлука, туку од „секојдневните избори на заедниците, семејствата, работниците и на институциите“.








