Просечната нето-плата по вработен во февруари 2026 година е пониска за 1 процент во однос на јануари и изнесува 46.159 денари.
Иако статистиката покажува раст од 7,2 проценти во споредба со февруари лани, податоците упатуваат дека тоа зголемување не е рамномерно и главно доаѓа од неколку дејности. Според Државниот завод за статистика, најголем раст има во административни и помошни услужни дејности, каде нето-платата е повисока за 12,3 проценти, во рударство и вадење камен за 10,6 проценти и во секторот снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 9,4 проценти.
Во исто време, во однос на претходниот месец, пад е регистриран во земјоделство, шумарство и рибарство за 5,7 отсто, во други услужни дејности за 5 проценти и во уметност, забава и рекреација за 4,6 отсто.
Февруарската нето-плата е и под просекот за првите два месеци од годинава. Таа е пониска и од просекот за периодот декември 2025, јануари и февруари 2026 година.
Тоа значи дека главниот сигнал од најновата статистика е месечниот пад на нето-платите, додека годишниот раст е резултат што најмногу го влечат одделни сектори.








