Коалицијата ВЛЕН објави остро соопштение во кое тврди дека во Демократската унија за интеграција (ДУИ) се одвива внатрешен судир и постави јавно прашање – кој од партијата му се заканува на поранешниот висок функционер Артан Груби.
Од ВЛЕН наведуваат дека, според нив, „ништо повеќе не е исто во ДУИ“ и дека партијата се соочува со сериозни внатрешни поделби. Во соопштението се посочува дека на едната страна е лидерот Али Ахмети со поранешни функционери, а на другата страна е Груби, кој, како што велат, бил претставен како одговорен за „политичките и корупциските злоупотреби“ во партијата.
Коалицијата тврди дека Груби „не е обичен поранешен функционер“, туку човек кој има детални информации за функционирањето на системот што ДУИ го градела со години. Според нив, стравот во партијата доаѓа од можноста тие информации да завршат во институциите.
„Кога ‘црната кутија’ ќе стигне до институциите, ќе нема простор за митови и глума“, наведуваат од ВЛЕН, додавајќи дека истрагите, како што велат, веќе откриваат начини на кои се градела моќта и каде завршувале буџетските средства.
Во соопштението се поставуваат и директни прашања:
– Кој од ДУИ му се заканува на Груби?
– Дали некој од партијата бара од него „омертà“, односно молк и несоработка со институциите?
Од ВЛЕН тврдат дека употребата на, како што велат, „мафијашки методи на заплашување“ е резултат на страв од објавување на имиња, шеми и улоги во партијата.
ДУИ засега нема официјален одговор на овие обвинувања.
Политичките аналитичари оценуваат дека ваквите обвинувања дополнително ја заоструваат реториката на политичката сцена и може да имаат влијание врз односите меѓу албанските политички блокови, особено во пресрет на изборни процеси.








