Скандалот со млечните производи можеби ќе заврши со парични казни и корекции на декларациите. Но штетата врз довербата и во компаниите, и, особено, во институциите кои се должни да ги штитат граѓаните, веќе е направена. А довербата, за разлика од декларацијата на производот, многу потешко се коригира.
Зоран БОЈАРОВСКИ
„Имаме урда за бурек со сирење“ е позната „маркетиншка“ порака од фолклорот на залените пазари во Македонија, којашто стана актуелна во неделата што измина и којашто им донесе едно од најнепријатните сознанија на македонските потрошувачи во последните години.
Наместо да добиваат производи со состав каков што е наведен на декларацијата, граѓаните со години можеби плаќале сирење, кашкавал и други млечни производи кои содржеле растителни масти, без тоа јасно и недвосмислено да биде наведено на пакувањата. Или помалку масти од наведеното во декларацијата. Од контролата на производите на 40 компании, кај десет биле откриени овие неправилности.
Наодите на Агенцијата за храна и ветеринарство отворија сериозни прашања за начинот на кој функционира прехранбениот сектор, но уште повеќе за начинот на кој функционираат институциите задолжени да ги заштитат потрошувачите.
На прв поглед, реакцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство изгледаше како пример за институционална ефикасност. Беа извршени контроли, беа утврдени неправилности и беа изречени мерки. Но, токму во моментот кога јавноста очекуваше целосна транспарентност, институцијата застана.
Имињата на производителите не беа официјално објавени.
Да, навистина, според АХВ биле изречени парични казни од 1000 до 3500 евра, но тие казни не се ни најмалку пропорционални во однос на здравјето на граѓаните и на измамата и понижувањето што ја направиле „млечните“ профитери.
Наместо забрана за дејност, се создаде парадоксална ситуација. Државата призна дека постои проблем, потврди дека одредени производители ги доведувале во заблуда потрошувачите, но истовремено одби да им каже на граѓаните кои се тие производители. Наместо институциите, улогата на информирање на јавноста ја презедоа медиумите, кои преку свои извори почнаа да ги објавуваат имињата на компаниите опфатени со контролите.
Во суштина, граѓаните останаа во ситуација сами да откриваат кои производи можеби со години ги купувале под погрешни информации.
Ова не е само прашање на пазарна измама. Станува збор за право на информиран избор. Потрошувачот има право да знае што купува и што внесува во својот организам. Доколку некој свесно купува производ со растителни или со помалку масти од декларираното, тоа е негова одлука. Но, доколку плаќа цена за млечен производ на кој декларира едни вредности, а добива нешто друго, тогаш станува збор за измама која директно ја нарушува довербата во системот.
Дополнителна загриженост предизвикаа и информациите што почнаа да се појавуваат за состојбите во дел од месопреработувачката индустрија. Наводите за сомнителни практики во производството на сувомеснати производи го отворија прашањето дали контролите во прехранбениот сектор се доволни и дали државата реагира навремено или дури откако проблемите ќе станат јавни.
Ова е суштинскиот проблем на македонскиот институционален модел. Наместо да дејствуваат превентивно, институциите најчесто реагираат откако скандалот веќе ќе избие во јавноста. Наместо да изградат доверба преку целосна транспарентност, тие често се повикуваат на процедури, законски ограничувања или административни причини за да не ги објават сите информации.
Последиците од таквиот пристап се далекусежни. Кога државата не ги именува прекршителите, јавноста добива впечаток дека некој е заштитен, само не граѓаните. Кога граѓаните не можат да дознаат кој ги измамил, тие почнуваат да се сомневаат во сите производители. Наместо одговорност за поединците, се создава недоверба кон целиот сектор.
Уште посериозно е прашањето дали ова е изолиран случај или дел од поширок проблем. Ако контролите откриле вакви неправилности кај млечните производи, колку слични случаи останале незабележани во други сегменти од прехранбената индустрија? Колку долго траеле овие практики? Како биле контролирани претходно? Дали имало предупредувања? И зошто тие не биле откриени порано?
Во развиените демократии, заштитата на потрошувачите е еден од темелите на институционалната доверба. Таму јавноста веднаш ги добива имињата на компаниите кај кои се утврдени неправилности, токму затоа што интересот на граѓаните е поважен од репутациската штета на прекршителите. Во Македонија, пак, сè уште постои впечаток дека институциите повеќе се грижат да не ја нарушат позицијата на компаниите отколку да го заштитат правото на потрошувачите да бидат информирани.
Скандалот со млечните производи можеби ќе заврши со парични казни и корекции на декларациите. Но штетата врз довербата и во компаниите, и, особено, во институциите кои се должни да ги штитат граѓаните, веќе е направена. А довербата, за разлика од декларацијата на производот, многу потешко се коригира.








