По долги години чекање Општина Теарце ја доби првата градинка, а свеченото предавање во употреба се совпадна со одбележувањето на Неделата на детето. Станува збор за современ објект во кој ќе престојуваат 147 деца, од кои 20 се од македонска националност, и кои се на возраст од 0 до шест години. За нив ќе се грижат 12 вработени чиј број се очекува наскоро да биде зголемен.
„По многу години чекање, по многу бројни барања и процедури конечно дојде овој ден која ја отвориме градинката. Оваа градинка не е само зграда со ѕидови, прозорци и врати туку простор каде што ќе растат нашите деца, тука ќе ги направат првите чекори во знаењето, ќе ги создадат првите пријателства и каде ќе се слуша детската смеа“, рече градоначалникот на Општина Теарце Даут Мемиши на свеченото предавање во употреба на градинката, а на кое присуствуваа и премиерот Христијан Мицковски, евроамбасадорот Михалис Рокас, министри и градоначалници од тетовските општини.
Изградбата на објектот чинела нешто над 800.000 евра, од кои најголемиот дел се добиени од Европската Комисија преку програмата за претпристапна помош ИПАРД2, а 165.000 евра се финансирани од Општина Теарце. Објектот се состои од приземје и кат и има 10 занимални.






