Софија сè уште нема одговорено на официјалното барање за средба меѓу шефовите на дипломатиите Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, испратено од Скопје на 2 октомври. Времето за договор се стеснува бидејќи меѓународната конференција за Коридорот 8 во Софија почнува на 7 октомври.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека македонското МНР го испратило барањето, но дека од бугарската страна засега нема одговор.
„Го замолив министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба. Тоа тој го направи. Сè уште немаме одговор“, рече Мицкоски.
Барањето беше испратено по посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје. Таа го советуваше Мицкоски да се искористи претстојниот престој на Муцунски во Софија за директен разговор со бугарската министерка, како прв чекор кон обид за деблокирање на македонскиот европски процес.
Конференцијата за Коридорот 8 е закажана за 7 и 8 октомври и на неа треба да присуствуваат министри и претставници на европски и регионални институции. Тоа значи дека просторот за навремено договарање на билатералната средба веќе се мери во часови.
Од Софија, сепак, доаѓаат пораки дека вратата за разговор не е затворена. Бугарската претседателка Илијана Јотова изјави дека Бугарија е подготвена за разговори, но без, како што рече, ултиматуми и отстапување од европската рамка. Таа најави и дека ќе побара да ја види дипломатската нота со која Муцунски ја бара средбата.
Досегашната официјална позиција на бугарското МНР е дека напредокот на Македонија кон ЕУ треба да се движи во рамките на европскиот консензус од 2022 година. Истата позиција Петрова ја повтори и на претходна средба со Муцунски во мај годинава.
Токму затоа евентуалната средба во Софија ќе биде првиот тест по пораката на Фон дер Лајен дека двете страни треба повторно директно да разговараат.






