И денес живееме во тоа мрачно бунило кога на Балканов сѐ уште опстојуваат луѓе, националисти, кои мислат дека се патриоти кои ја бранат својата нација, вера и кои не се свесни дека со нивната „одбрана“ нацијата сѐ подлабоко тоне и исчезнува.
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Деновиве, точно спроти 8 Септември, 35 години од денот на прогласувањето на независноста на Македонија, една вест ги разбранува духовите и во нашава земја. Во Хаг починал доживотниот затвореник, докажаниот воен злосторник Ратко Младиќ − генералот!!! Народниот херој за еден заостанат, насилнички дел од српскиот народ, кој сѐ уште го слави како национален херој и кој ги негира сите тешки злосторства на тој ѕверски лик.
Што направил тој милитантен, српски националист? Што не! Доволно е да се каже дека со негова наредба е извршен злогласниот геноцид во Сребреница, при што за три дена се убиени над осум илјади цивили − мажи, жени и деца!!!
Што повеќе да се каже за тој грозоморен чин. Некој ќе рече, ама, тоа се случило во минатиот век, во 1995 година. Сега, во 21. век не е можно, нели? Е, не! Можно е, како што вели Андриќ во романот „Госпоѓица“, само треба еден миг, каков што бил атентатот на австроунгарскиот престолонаследник во Сараево во 1914 г., па да се разниша вообичаениот општествен ред, да се случи будење и повторно да се јави фукарата, „онаа подмолна, невидлива сиромаштија и беда која во мирни времиња се крие по темните агли, а во матните пресвртни времиња излегува на површината, станува гласна и дрска и презема сѐ во свои раце“…
МРАЧНО БУНИЛО
И денес живееме во тоа мрачно бунило кога на Балканов сѐ уште опстојуваат луѓе, националисти, кои мислат дека се патриоти кои ја бранат својата нација, вера и кои не се свесни дека со нивната „одбрана“ нацијата сѐ подлабоко тоне и исчезнува.
Всушност, дебатата околу Младиќ ме врати во времето кога и ние, како и Босна, бевме на чекор од злосторствата на некојси генерал… „Младиќ“, можеби Кукањац… Узелац… Аџиќ, кој се заканувал дека ќе го бомбардира Скопје (Трајан Гоцевски).
Како одговорен уредник на информативната програма на МТВ (1990 − 1994), во тие пресвртни, тешки, воени времиња сум жив сведок, а може да се каже и некој вид активен поддржувач на политиката на претседателот на државата Киро Глигоров околу турбулентното заминување на ЈНА од нашите касарни, поточно околу спасот на Македонија од крвавите настани предизвикани од повампирениот национализам што дивееше на бившите југословенски простори.
Тогаш ни најмалку не беше лесно професионално, одговорно и совесно да се води информативната програма на МТВ, балансирајќи меѓу разбрануваниот наметлив национализам на ВМРО-ДПМНЕ, националниот романизам кај населението и ладнокрвното анализирање на реалните состојби во кои се наоѓаше земјава. Малку фалеше во таква зовриена атмосфера да се запали капислата и новата независна македонска република да заврши во пламен, како Крушевската.
Дали медиумите можат да спречат или да поттикнат немири? Да поттикнат секако можат, но можат и да спречат, и тоа без да ја фризираат стварноста. А, стварноста во тоа време беше гадна. Нашите војници ЈНА ги држеше низ касарните распространети низ сите простори на бившата држава. Мајките беа вознемирени, протестираа и бараа државата да им ги врати дома „нашите деца“.
СООПШТЕНИЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ
Во Македонија касарните беа полни со војска во цел состав вооружена до заби, а со нив раководеа српски генерали. Знаев дека претседателот Глигоров со тим околу него преговара со највисоките воени претставници од Белград за мирно повлекување и заминување на ЈНА од нашите касарни. И во таква напната атмосфера на исчекување, еден ден доаѓаат во мојата канцеларија тројца претставници од нашето ВМРО-ДПМНЕ да ми предадат писмено соопштение на партијата, кое побараа веднаш да се објави. Доста Димовска, Стоиле Стојков и Борис Змејковски.
Го видов соопштението со кое се бараше, не можам баш точно да се сетам од збор до збор, ама суштината беше повик за отпор на македонскиот народ, да излезат граѓаните пред касарните, повик да им се сопре водата, струјата, доставата на леб во касарните… Обичен мирен протест?!!
Во моментот, без никакво двоумење им кажав дека такво соопштение нема да објавам, колку и да ме обврзува Законот за информирање. Неколку часа се убедувавме − тие мене со патриотизмот − јас нив со здравиот разум. Тие мене со националната гордост, јас нив националната безбедност. Дури им реков малку вулгарно (нека ми простат Србите): Што кога ќе го однесете народот пред касарните, а таму да се најде некој бандоглав Србенда и да припука со пушкомитралез по масата? Ќе падне крв!!! Тогаш и јас, како исконски пацифист, можеби ќе се поѕверам и ќе ја грабнам ловечката пушка од татко ми… Не џабе сум од боречка фамилија. Стрижено-косено!
И на крај Доста Димовска пресече: „Го повлекуваме соопштението“. И така заврши таа епизода од нашиот трнлив пат до независноста и самостојноста.
Нека ни е честит големиот празник, 8 Септември, Денот на Републиката.






