Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, вчера остро го осуди однесувањето на тројца дрвокрадци кои биле фатени во близина на Штип додека пожарникари се борат со огнената стихија „од другата страна на асфалтот“.
„Додека од едната страна на експресниот пат Штип – Радовиш стотици луѓе од Штип, Струмица, Свети Николе, Кавадарци, Кочани, Берово и други градови се бориме со пламените јазици да го спасиме селото Селце и се останато од земја и од воздух, од другата страна на асфалтот некои жители на Штип крадат дрва“, вели Михаилов во објава на социјалните мрежи.
Тој посочи дека ги фатиле, но нагласи дека: „срамот останува како белег“.
Воедно, Михаилов директно, но без да наведе имиња, вели дека доколку не биле фатени и приведени потенцијалните подметнувачи ќе мислел дека дрвокрадците намерно го подметнале пожарот.
„И да не беа фатени и приведени двајцата потенцијални подметнувачи на пожарот во близина на Селце, искрено, ќе бев убеден дека вие кои ве фативме како крадате дрва сте го подметнале намерно пожарот да ни го одвлечете вниманието. Но како и да е, сите вие, двајцата пиромани и тројцата дрвокрадци по потекло од Штип и околината сте срам за Штип и срам за Македонија. Од таквите како вас, уништувачи на природата, неранимајковци, крадци и политичарите кои во изминатите 35 години ја украдоа, урнисаа и распродадоа Македонија сме на ова дереџе на кое сме“, порача заменик-директорот на „Национални шуми“.






