Под мотото „За плата се бориме – не се молиме“ денеска во Скопје се одржа собир во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на кој беа побарани повисоки надоместоци и подобри услови за работа.
Собирот започна од Работничкиот дом на Сојузот на синдикатите на Македонија, продолжи пред Собранието на Република Македонија, до Стопанската комора и заврши пред Владата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека многу работници денеска, и покрај незадоволството од своите примања, се плашат да се придружат на протестите, затоа што сметаат дека истите се насочени кон одредени субјекти.
– Денеска, за жал, 260 илјади работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади луѓе излегоа на протест за 1 Мај, рече Трендафилов.
Тој посочи дека „за жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита“.
– Денеска е 1 Мај, денот кога работниците уште во далечната 1886 година излегле на улица и по цена на своите животи, за да ги заштитат своите работнички права, за да го скратат работниот ден од 12 часа на 8 и за да протестираат – потсети Трендафилов, повикувајќи на почитување на работничките права во државата.
Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука, се осврна на барањата што тие ги имаат.
– Први мај живее и ќе продолжи да живее сѐ додека има работници коишто се на висината на задачата и се борат за своите работнички права, ќе продолжи да живее сѐ додека има синдикати што не се контролирани од центрите на политичка моќ, а на тие што се – нека им служи на чест.
Како независен синдикат за образование и наука, стоиме цврсто на нашите барања, а тоа е почитување на колективните договори, почитување на пресметката за плата согласно коефициентот помножен со минимална плата.
Бараме во најбрз можен рок да започне почитување на колективните договори и достоинствено вреднување на трудот на вработените во секторот образование.
Бараме достоинствена плата и достоинствено вреднување на трудот за вработените во детска заштита – изјави Гиевски. Тој рече дека нема да се откажат од борбата.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска не учествуваше на протестот, со образложение дека решенијата треба да се бараат преку дијалог, а не на улица.








