Европската комисија подготвува нов пристап кон проширувањето, а во пресрет на посетата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во Скопје, македонските власти бараат ЕУ да биде директно вклучена во разговорите со Бугарија и инсистираат аргументите да се разгледуваат во европски формат. Во исто време, во Брисел се разгледуваат промени во начинот на одлучување, со поголема употреба на квалификувано мнозинство во делови од пристапниот процес, што би можело да има значење за билатералните блокади. Фон дер Лајен в петок во Скопје ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Скопје бара излез од бугарската блокада, ќе има ли разговори во европски формат?!
Брисел подготвува нов пристап кон проширувањето, а Скопје бара начин да го деблокира својот европски пат. Во пресрет на посетата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, во петок доаѓа во Македонија, во фокусот се прашањата околу Бугарија, уставните измени и позицијата на Македонија во новата европска стратегија. Прашањето е дали новиот пристап на Брисел кон проширувањето може да го промени и македонскиот европски пат? Во исто време, македонските власти инсистираат на европско посредништво во разговорите со Бугарија. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека е логично да се преговара со Бугарија во присуство на претставници од ЕУ затоа што аргументите треба да се слушнат објективно. Според премиерот, ако некој одбива да разговара, тоа значи дека не ги почитува елементарните вредности на демократијата. Мицкоски истакна дека со Фон дер Лајен, ќе разговараат за актуелната состојба околу процесот на проширување и за предизвиците што се случија и тие што претстојат. Прашан дали со претседателката на ЕК ќе се отвори прашањето за учество на ЕУ во преговорите со Бугарија, Мицкоски рече дека македонската страна е подготвена и сака да разговара секаде и на секоја тема.
– Логично е да се седне и да се разговара во присуство на претставници од ЕУ затоа што аргументите треба да се слушнат објективно. Вака, кога седиме и разговараме на билатерална основа, тоа што се разговара нема никаква суштина. Ниту, пак, потоа брифирањето по тие средби е онака како што се разговарало на тие средби. Ценам дека за да имаме некаков ефект и суштина од тие разговори добро е да има претставници од Европската комисија, од ЕУ, за да ги слушнат аргументите. Ако нашите аргументи не држат, тогаш ние сме подготвени да ги прифатиме и другите аргументи. Но ајде да ги слушнеме аргументите, да зборуваме за повелбите на самата Европска Унија, за вредностите, за институционалната меморија. Ние сме подготвени за сево ова да седнеме и да разговараме и да најдеме начин. За нас тоа е константа и тука нема промени во ставот, рече Мицкоски.
Нема комуникација со Радев
Според македонскиот премиер, дури може да се разгледа и опцијата за претставници од НАТО, каде што сме сојузници со Бугарија и додаде дека „за жал, нашиот сојузник таму нè блокира во друга мултилатерална организација – Европската Унија“. На новинарско прашање, Мицкоски истакна дека нема комуникација со бугарскиот претседател Румен Радев.
Во однос на објавата на бриселски „Политико“ дека Европската Унија подготвува „патокази со конкретни чекори за пристапување на најнапредните земји кандидатки за членство – Црна Гора и Албанија, како и на Украина и Молдавија“, додека другите земји кандидатки, кои се наоѓаат во порана фаза од процесот, како Македонија, Косово и Босна и Херцеговина, „во оваа фаза нема да добијат патокази“, Мицкоски не сакаше да коментира и рече дека прво треба да се утврди точноста на таа информација.
– Претпоставувам (медиумот) се повикува на некои извори во Унијата. Ќе треба да ја прашаме ЕУ дали е тоа точно и ако е точно, зошто е тоа така, имајќи предвид дека ние испорачуваме најголем дел од реформите кои се дел од Реформската агенда и од Планот за раст, и тоа веќе два извештајни периоди по ред. И ако во процесот на пристапување кон ЕУ кандидатите се оценуваат врз основа на заслуги, тогаш, ако е ова точно, за мене е нелогично. Но, првин треба да видиме дали е тоа така или не е. Моите информации не велат дека е тоа така, изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека многу работи се случуваат во регионот, во ЕУ и во светот кои, рече, се индикатор каква политика и какви планови треба да гради државата. Тој ги посочи неуспешниот референдум во Исланд за рестартирање на преговорите со ЕУ, победата во покраини во Германија на екстремни, односно политички структури кои не се мејнстрим и се антимигрантски и против проширување на ЕУ, како и дека напролет се претседателските избори во Франција, каде што фаворит за претседател е Марин Ле Пен.
– Сето ова е некаков индикатор врз основа на кој ние ќе треба да ги градиме политиките во следниот период. На светот му се случуваат големи предизвици, светот се менува, имаме две сериозни војни – во Украина и во Заливот. Имаме јасна стратегија, план и јасна цел – ние ќе ја работиме нашата домашна задача, другото не е на нас, изјави Мицкоски.
Фон дер Лајен на средби во Скопје
Турнејата на претседателката на ЕК низ Западен Балкан започнува денеска со Тирана, а продолжува со Приштина и Подгорица. Овој пат, Србија и Босна и Херцеговина нема да бидат дел од нејзината агенда. Портпаролката на Европската комисија, Аријана Подеста, соопшти дека двете земји се изоставени бидејќи се подготвуваат за избори. Фон дер Лајен доаѓа во Скопје в петок и како што соопшти нејзиниот кабинет, ќе има средби со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски. Ќе се разговара за европската перспектива на земјата и на регионот и за процесот на пристапување кон ЕУ. Се очекува да стане збор и за проблемот со Бугарија и за можностите за негово надминување.
Кога пред две недели, од говорницата на Европскиот парламент во Стразбур, Урсула фон дер Лајен ја покани Канада да стане првата „придружна членка“ на Европската Унија, претседателката на ЕК најави дека ќе бидат подготвени „патокази за најнапредните кандидати“.
– Доволно е да погледнеме надвор од нашите граници за да разбереме колку оваа европска идеја е сè уште жива. Доволно е да погледнеме кон Украина и Молдавија. Кон Западен Балкан. Доволно е да ги погледнеме сите овие земји блиску до нашата Унија. И бидејќи нивната иднина е во нашата Унија, наскоро ќе предложиме патокази за најнапредните кандидати. Овој процес ќе продолжи да се заснова на заслугите. И, почитувани пратеници, повторувам: почитувањето на нашите вредности не е предмет на преговори, рече тогаш Фон дер Лајен.
ЕК го ограничува ветото?!
Во меѓувреме, дел од медиумите во регионот објавуваат дека Европската комисија, на чело со Фон дер Лајен, подготвува нов документ за проширувањето, според кој, еден од клучните предлози е поголема употреба на квалификувано мнозинство при носењето одлуки, наместо едногласност, особено во одредени области каде што правото на вето може да го забави процесот.
Меѓу опциите се разгледуваат намалување на бројот на области во кои една земја може да ги блокира одлуките на целата Унија, како и оптимизација на институциите на ЕУ за да се избегне блокада во услови на Унија со повеќе од 35 членки. Според предлогот, техничките и преодните фази од пристапните преговори, како отворањето и затворањето кластери и поглавја, би можеле да се носат со квалификувано мнозинство, а едногласноста би останала за финалниот чекор – потпишувањето на Договорот за пристапување во ЕУ. Ваквите измени се со цел да се намали можноста една земја членка да го блокира напредокот на земјата кандидат поради билатерални спорови, како што е случајот со Македонија.
Друг важен предлог е земјите од регионот да можат постепено да добиваат пристап до делови од единствениот европски пазар и да ги користат клучните економски слободи – слободно движење на стоки, услуги и капитал. Сепак, и овие измени треба да се донесат со консензус во Унијата, иако е познато дека земјите членки немаат целосно усогласени ставови по овие прашања. (В. С. Н.)
Македонија не протестираше против Нетанјаху, за премиерот напуштањето на салата е дезертирање
– Не сум човек што не сака да се соочи со реалноста, за мене напуштање и бегање од соочување со реалноста е дезертирање, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање зошто македонската делегација на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, која тој ја предводеше минатата недела, не ја напуштила салата во знак на протест за време на говорот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како што тоа го направија повеќето други државни делегации.
Тој рече дека не мисли дека на тој начин се манифестира протест, туку мисли дека тоа е начин да се дезертира од реалноста и суштината.
– Има многу посуштински и покреативни начини да се манифестира протест. Јас сум човек кој во принцип сака да се бори и да победува, рече Мицкоски.






