Различното интерпретирање на историјата не треба да го храни национализмот – порача францускиот амбасадор Ле Риголер во интервју за Телма. Вели, Европа долго страдала од идеологиии, кои според него, враќаат наназад. Со отворањето на изложбата „Солидарноста како иднина“ во Музејот на современа уметност вечерва започнува меѓународната конференција „Европски дијалози, наследство и европска иднина “ каде се предвидени повеќе дебати меѓу кои и „Каква Европа сакаме утре?“
„Јас би сакал Европа каде ќе престанеме да манипулираме со историјата, каде што ќе прифатиме дека историјата е реалност, затоа што постојат факти дека се случило, можеби имаме различно интерпретирање на историјата, тоа го разбирам. Но тоа различно интерпретирање не треба да храни политички наративи, националистички наративи и мислам дека ние во Европа доволно скапо сме ја платиле цената на национализмот, скапо сме ги платиле територијалните судири. За денес сакаме да создадеме услови за да не западнеме повторно во тоа застранување, а тоа застранување се случува постојано. Само погледнете што се случува денес во Украина, историјата е изманипулирана за да се оправда агресијата кон соседна држава. И посакувам Европа каде што ќе се ослободиме од идеологиите. Убаво е да се има идеи, но идеологиите тоа е болест на идејата, затоа што идеите ни помагаат да напредуваме, а идеологиите ни носат назадување. За жал Европа долго страдаше од идеологиите. Сите драматични епизоди во 20-от век ни покажаа дека делумно можат да ја уништат Европа и колку повеќе ќе се навикнеме на дебати меѓу нас, споделување на идеите и ако не сме согласни подобро ќе се бориме против идеологиите“, рече Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција во РС. Македонија.






