Она што во овој случај го зголемува сомнежот е тоа што Обвинителството сè уште не може да обезбеди копии од снимките од безбедносните камери, иако ги барало и кај претседателката и од владината Служба за општи и заеднички работи.
Сомнежи за шпионажа и индиции дека се извлекувале податоци од компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова отвораат информациите што стигнаа до „Слободен печат“, за кои предистрага води и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
До нашата редакција стигна анонимна кривична пријава што била поднесена и до Обвинителството, потпишана од „група вработени во МВР“, според која, се копирале и енкриптирале, односно се шифрирале податоци во таен код, наводно за да завршат кај странски разузнавачки служби.
Според информациите наведени во пријавата, под сомнение е ИТ-администратор во Кабинетот на претседателката, кој наводно копирал, енкриптирал и складирал доверливи податоци и бил поврзан со разузнавачката служба. Во пријавата се споменуваат и други функционери од Кабинетот и од Агенцијата за разузнавање, за кои имало сомнежи дека можеби учествувале во прикривање на доказите, па дури и високи владини функционери кои наводно ургирале кај претседателката и кај обвинителката да го затворат случајот.
Потпишаните на пријавата бараат отворање на постапка со друг обвинител, форензичко вештачење на сите електронски уреди, сервери, телефони и медиуми користени од лицата, прибирање на видеонадзор, логови, ВПН-записи, електронска комуникација и пристапни листи, проверка на евентуално компромитирани класифицирани информации и НАТО-комуникации.
„Слободен печат“ се обрати до Кабинетот на претседателката за пријавата и информациите во неа, но одговор не добивме.
Обвинителството води предистрага
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во одговор за „Слободен печат“ потврдуваат дека од декември минатата година се води предистрага за „постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес“, по „аларм“ на Секторот за компјутерски криминал во Министерството за внатрешни работи којшто бил испратен во ноември минатата година.








