Проценките се дека една од 12 жени во Македонија до 75 години може да заболи од рак на дојка. Возрасната граница од 65 до 75 години се симна на 35 години. Ова го кажа д-р Гордана Ѓорчева-Камчева, радиолог од Општата болница во Кавадарци, која учествуваше на трибината за ракот на дојка „Розевиот месец октомври“, организирана од велешката болница, со цел подигнување на свеста кај жените за заштита.
„Жените на возраст од 35 години треба да започнат со самопреглед или со ехо, а на 40 години да одат и на мамографија. Ракот на дојка започнува со неконтролирано растење на клетките и се формира тој малиген тумор. Во рана фаза не предизвикува болки и затоа дел од жените не реагираат, не одат на лекар. Женскиот пол е повеќе изложен на рак на дојка, кај мажите само еден процент. Семејната предиспозиција има главна улога, но и долгата употреба на хормонска контрацепција. Потоа стресот, долго консумирање алкохол, пушење, консумирање брза храна, гојазноста. Еден од знаците за појава на рак на дојка е повлекувањето на брадавицата од дојката“, рече д-р Ѓорчева Камчева.
ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци, каде што таа работи, преку Одделот за радиологија, годинава во октомври, месец посветен на женското здравје, обезбеди 150 бесплатни скрининг-мамографии. Прегледите се наменети за жени од општините Кавадарци и Росоман на возраст од 40 до 80 години, кои немаат направено мамографија во последните две години и немаат закажано преглед преку Кабинетот за дојка.
Наспроти нејзиното инсистирање дека за жените над 40 години е потребен превентивен преглед со мамографија, жените во Велес чекаат по два и повеќе месеци за термин. Тие имаат желба за преглед на мамограф, но немаат можност поради недостиг на термини и долгото чекање. Ова го потврди и матична докторка од Кавадарци, присутна на трибината во Велес.
„Имаме проблем со пациентките кои не се дијагностицирани, кои се асимптоматски. Тие чекаат долго, и по шест-седум месеци. Имаме различни групи за закажување. Кај нас во Кавадарци, тие што се излекувани, а доаѓаат на контрола, брзо добиваат термин“, кажа докторката.
Пациентките од Велес кои веќе се излекувале и на кои им е потребна редовна контрола се соочуваат со истиот проблем.
„Тринаесет години живеам по операцијата. Чекам два месеца, од август, за контрола со мамографија. А, термин немам, иако сум пријавена преку матичен лекар. Немам никакви олеснувања, иако се оперирав“, рече една поранешна пациентка.
„Одобрувањето на термините не зависи од матичниот доктор или од радиологот. Системот ‘Мој термин‘ е тој што ги прераспределува жените по кабинетите за преглед. Очекувам дека тоа ќе се надмине и секоја жена ќе има најбрз термин. Во однос на случајот со излекуваната пациентка, распределбата на термините ја прави болницата. Мене ми се случи да имам такви термини, но да немам пациентки кои се пријавиле за преглед“, посочи д-р Ѓорчева Камчева.
„Кога ќе се констатира дека туморот е малиген, тогаш се разговара за начинот на операција – радикална, со отстранување на целата дојка или ќе се отстрани парчето тумор“, рече хирургот д-р Петар Ставревски.
„Нешто што е излечиво во малигната патологија, тоа е карциномот на дојка. Тоа го покажуваат практиката и светските искуства. Најважни се раното откривање и самопрегледот. Да го споделам случајот со жена од Велес од лани летото, на возраст од 75-80 години. Нејзе ѝ починала ќерката и таа не сакала повеќе да живее. Кога го откривме туморот, беше тежок 5 кг на левата дојка. Свесно го занемарила сопствениот проблем. Со долги разговори ја убедивме, го извадивме туморот во нашата болница и денес таа е жива“, раскажа хирургот д-р Петре Кодовски.
Во велешката болница се вршат прегледи на жени со мамограф. Дел од нив се од Кавадарци и Неготино.
„Во Кабинетот за дојка се закажуваат по 18 прегледи неделно, во вторник, среда и четврток. Зголемен е бројот на пациентки кои доаѓаат од Кавадарци и Неготино. Ехо на дојка се реализира во болницата ‘Св. Наум Охридски‘ во Скопје“, соопштија од ЈЗУ Општа болница Велес.






