Сè уште се чека пристигнувањето на јапонските вакцини против туберкулоза во земјава. Министерот за здравство очекува тие да пристигнат за околу десет дена. Побара трпение и повтори дека нема здравствен ризик за новороденчињата доколку вакцинацијата се спроведе подоцна. Имунизацијата со бугарската вакцина и натаму е стопирана, додека траат анализите.
Во меѓувреме, Хрватска, која ја отвори темата за можните несакани реакции по примањето на БСЖ вакцините, размислува за целосно укинување на задолжителната вакцинација против туберкулоза. Тамошните здравствени власти имаат поделени ставови за ова прашање.
Како што пишува хрватски „Вечерњи лист“ дел од експертите сметаат дека постојат аргументи за преминување кон селективна вакцинација, односно имунизација само на новороденчињата кои припаѓаат на ризичните групи.
Други, пак, предупредуваат дека ваква одлука не треба да се носи избрзано.
Причина за претпазливост е и зголемувањето на бројот на заболени од туберкулоза во Хрватска, по долгогодишниот тренд на намалување на случаите. Меѓу медицинските здруженија сè уште нема целосна согласност за тоа како треба да се постапи.
Според најавите, Хрватското здружение на пулмолози најверојатно нема да поддржи прекин на вакцинацијата, додека ставовите во Здружението на педијатри се поделени.
Иако зголемувањето на бројот на заболени е релативно мало, загрижува фактот што доаѓа по подолг период на намалување на случаите. Туберкулозата почесто се регистрира во одредени средини со посиромашно население, а како еден од факторите се наведува и миграцијата на странски работници од земји во кои болеста е пораспространета.
Како можна алтернатива се разгледува задржување на вакцината, но со неа да се имунизираат само новороденчињата кои припаѓаат на ризичните групи, наместо сите бебиња.






