Дива депонија, преполни контејнери, кабаст отпад и непријатна миризба од ѓубре ќе бидат дел од проблемите кои скопјани ќе можат да ги пријавуваат преку новата платформа „ЕкоСкопје“, во која службите на Град Скопје ќе имаат директен пристап и ќе им помага за полесно лоцирање и побрзо чистење на локациите каде има еколошки проблеми.
Платформата е изработена од страна на здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“ (ЛЕАД), во соработка со Град Скопје, додека пак целиот проект е финансиран од Европската Унија. На денешната промоција, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски изјави дека преку оваа апликација, скопјани ќе моажт да испратат точна локација, фотографија и опис на еколошкиот проблем, по што градските власти треба да излезат на терен и да постапат.
„Како функционира ‘ЕкоСкопје’? Кога ќе забележите дива депонија, проблем со контејнер или друг еколошки проблем, преку платформата испраќате пријава со точна локација, фотографија и краток опис. Така, службите полесно ќе го пронајдат местото и ќе имаат појасна слика за состојбата на терен. По поднесувањето, можете да го следите статусот на пријавата. За граѓаните тоа значи полесно пријавување, поголем увид во постапувањето и подиректна комуникација со институциите“, рече Ѓорѓиевски.
Директорот на здружението ЛЕАД, Иван Јованов истакна преку „Еко Скопје“, граѓаните исто така во реално време ќе можат да ја следат состојбата со квалитетот на воздухот, каде, како што вели тој, на едно место ќе се гледаат и официјалните податоци од Министерството за животна средина и од приватните мерачи.






