Полициски службеници од Управата за криминалистичка полиција (УКП) – Одделение за сузбивање на имотни деликти во Србија, во соработка со обвинителството, ги уапсиле францускиот државјанин Л.Ј.Т.Б. (28), државјанинот на Македонија М.М.(36), како и српскиот државјанин Г.Б.(44).
Тие се товарат за соизвршителство во кривичното дело измама, при што се стекнале со противправна имотна корист во износ поголем од половина милион динари.
Според обвинителството, акцијата е спроведена на 16 октомври годинава, според однапред испланирано сценарио:
Македонецот М.М. го однел Французинот Л.Ј.Т.Б. во продавница за техничка опрема во Нов Белград, каде што се сретнале со осомничениот Г.Б.
Французинот потоа самоуверено влегол во продавницата и употребил специјална картичка, која преку софтвер ја попречила и хакирала комуникацијата со ПОС-терминалот на продавницата.
На тој начин, тој ги довел вработените во целосна заблуда дека уредно платил за најновиот мобилен телефон од брендот „iPhone 18 Pro Max“, вреден над 450.000 динари.
По извршената измама, осомничените се упатиле кон еден автоцентар, каде што му го предале новиот телефон на осомничениот Г.Б., по што уследила брза полициска акција и апсење.
Осомничените биле сослушани пред јавен обвинител во Третото основно јавно обвинителство во Белград.
Обвинителот веднаш поднел предлог до надлежниот суд за одредување притвор за францускиот и македонскиот државјанин имајќи предвид дека станува збор за странски државјани кои немаат пријавено престојувалиште или живеалиште во Србија, како и дека постои непосредна опасност од нивно бегство надвор од границите на земјата.






