Министерката за финансии Гордана Кочовска нè повика на средба за, како што самата рече, „убаво да ги објасниме работите“. СДСМ веднаш ја прифати поканата, но побаравме разговорот да биде јавен, пред камерите, пред граѓаните, за сите да ги слушнат фактите и бројките за состојбата во која се наоѓа буџетот и долгот. И потоа избега, обвини СДСМ. Од партијата велат дека долгот на државата надминал 11 милијарди евра.
„Ниту вчера ја немаше во Собранието. Прво повикува, а потоа бега. Зошто? Затоа што нема како да им објасни на граѓаните дека за само две години Владата на Мицкоски ја задолжи државата за околу 2,5 милијарди евра. Во декември 2023 година јавниот долг изнесуваше околу 8,5 милијарди евра. Денес, со новото задолжување од 260 милиони евра, јавниот долг се искачи над 11 милијарди евра. Ова е драматично зголемување за само две години од 2,5 милијарди евра кое го направија Мицкоски и неговата криминална организација“, велат од СДСМ.
Партијата вели дека имаме најниски плати во Европа, нема поголема минимална плата од 600 евра, дека граѓаните се посиромашни и едвај врзвуваат крај со крај, цените се до плафон, а мерки нема и дека намалени се субвенциите и земјоделството е пред колапс.
„Па каде завршија парите? Во криминални тендери и луксузи на власта. Затоа ли нема пари за референдум? Ете затоа побегна Кочовска. Како и секогаш кај ВМРО – сè е лага и пропаганда. Кога треба да одговараат со факти и бројки, тие бегаат или создаваат нови дефокус“, велат од СДСМ.








