Половина од реколтата на кочанскиот ориз е ожнеана. Жетвата завршила за оризопроизводителите чии што ниви се посеани порано, односно ги полнат нивите со вода од реката Брегалница, а жетвата на површините во атарите на Спанчево, Соколарци и Бање е во тек, поради доцната сеидба, но и сланата, па дел од површините сè уште се зелени и не може да се ожнеат. Оние кои порано посеале, имаат и повисоки приноси во споредба со оризопроизводителите кои површините ги имаат посеано во мај.
„Моментално жетвата е завршена околу 50 посто. Причина се временските неприлики, бидејќи гледате и сами дека последните денови се дождливи, така да два дена немаме веќе жетва. Коровот е намален за 50 проценти од ланската реколта, така да земјоделците не се задоволни од родот, но треба да го собереме, колку е, толку е“, вели оризопроизводителот Тони Максимов.
Официјално нова производна цена немаат. Ланската калкулација им беше 25 денари за килограм арпа, а годинава очекуваат да се зголеми од 28 до 29 денари, поради зголемените трошоци за производство. Остануваат на барањето да се донесе Правилник за откуп на оризот и според нив само неговата примена и почитување од сите страни ќе придонесе да се спаси оваа култура во кочанскиот регион.
„Имаме барање до министерството за земјоделие и до владата да направат Правилник за откуп и овој период кога ќе почне да се откупува оризот, сите откупувачи према ланската реколта што имаат откупено, колку имаат откупено, во овој период исто да го земат за откуп, а не да тактизираат. Тие тактизираат и на друг начин, бидејќи имаат нивно производство и тогаш од нас оризопроизводителите не го зимаат тоа производство, нивното си го преработуваат, нивно си го даваат, а чекаат цената да ја намалат кај нас за да можат потоа да го земат“, додава Максимов.
Премиерот Христијан Мицкоски, при последната посета на овој регион, ги повикаа откупувачите да се однесуваат фер, бидејќи граѓаните и оризопроизводителите се однесуваат фер кон нив, во спротивно ќе бидат ригорозно казнети.






