Со предложениот ребаланс не се менува само нивото на приходите и расходите, туку и нивната структура, од развојна во социјална компонента, констатира Фискалниот совет во мислењето за ребалансот доставно до Собранието.
Вториот ребаланс по само три месеци од претходниот влезе во собраниска процедура. Се кратат по 86 милиони евра и од приходите и од расходите. Дефицитот останува непроменет на 750 милиони евра, односно 4,1 отсто од БДП. Кратењето на трошоците е кај капиталните инвестиции кои се намалуваат за 90 милиони евра и ќе изнесуваат скоро 670 милиони евра.
Министерката Гордана Димитриеска – Кочоска соопшти дека приходите од акцизи се намалени за 60 милиони евра поради владините мерки за намалување на акцизите за горивата и оти ребалансот се прави за проекциите да се усогласат со реалните економски движења кои се под притисок на глобалните тензии.
Дел од експертите сметаат дека се работи за лошо планирање.
„Не може да не може да ги предвидиш расходите во јуни до септември и октомври. Не може да не знаеш дека ќе нема толкави капитални инвестиции. Ќе нема, меѓутоа кога во политичката реторика на партиите, а кај партијата на власт еклатантно, термините како „раст на БДП мерен преку ставката на растот на БДП“, „капитални инвестиции кои што значеле развој“, капитални инвестиции се патишта и слично во реториката на политичарите, што нема врска со реалноста, меѓутоа политички така се прави. Сега рацете на министерката и се врзани, мора да покаже одговорност, мора да покаже капитални инвестиции, а мора да ја нахрани социјалата, пензионерите, а со буџетот не ѝ стигаат парите и таа мора да прави таква евтина детска буџетска гимнастика, изјави универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Со претходниот ребаланс во јули, буџетската дупка беше продлабочена за околу 100 милиони евра за да се овозможат повеќе пари за капитални инвестиции. Сега, дупката останува, но капиталните инвестиции се кратат.
„Ние за 10 месеци практично имаме четири буџети. Кон крајот на минатата година беше изгласан основниот буџет за 2026 година, во јули првиот ребаланс, сега се дебатира за вториот ребаланс, а веќе во процедура е и за 10-тина дена треба законски да биде испорачан буџетот за наредната година. Плус, до крајот на годината може да дојде до нова прераспределба“, вели економскиот новинар Мирче Јовановски.
Растот останува на проекцијата од 3,5 проценти, а инфлацијата на 3,8 отсто. Се планира во државната каса да се приберат скоро 6,1 милијарди евра, а да се потрошат над 6,84 милијарди евра.






