Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека наредните месеци би можеле да бидат „критични“ во однос на заканата од Русија и рече дека неговата земја се подготвува за „различни“ сценарија.
Туск реагираше на медиумските извештаи дека, според американските разузнавачки служби, Москва планира вооружена „провокација“ во Полска, со цел да ја тестира решителноста на НАТО.
– Не сакам никого да плашам, но наредните месеци навистина би можеле да бидат критични, делумно поради променливата природа на војната. Оваа загриженост е особено изразена во балтичките држави – изјави Туск.
Полскиот медиум „Онет“ објави дека извори блиски до претседателот Карол Навроцки рекле дека САД испратиле неколку предупредувања до Варшава за планираниот напад.
Според наводните планови, за кои денес пишуваше и британски Телеграф, полската инфраструктура би можела да биде цел на ракети или на беспилотни летала или, пак, војници би можеле да бидат испратени кон членката на НАТО.
Извештаите сугерираат дека целта на таквата акција би била да се изврши притисок врз западните сојузници на Украина да ја замрзнат помошта за земјата.
Прашан за медиумските извештаи, Туск рече:
– Да не се плашиме, се подготвуваме за различни ситуации, но не смееме да ги игнорираме. Свесни сме за заканата, меѓу другото, благодарение на информациите од нашите сојузници.






