По повеќе приговори од страна на одбраната, судијата им се обрати на присутните и потврди дека доказите кои денес се изведуваат на главната расправа воопшто не се наоѓаат во судницата, ниту се физички достапни пред судечкиот совет, судиите и судиите-поротници. Според појаснувањето, доказите се наоѓаат во друга зграда, поради што одбраната не е во можност непосредно да утврди кој доказ се изведува, за што се однесува и дали истиот е во оригинална форма.
Одбраната посочи дека на ваков начин се повредува основното право на непосреден увид во доказите што се презентираат на главната расправа. Дополнително, беше нагласено дека ниту самиот судечки совет и судиите-поротници немаат директен увид дали приложените докази се оригинални, ниту дали нивната содржина целосно одговара на она што јавниот обвинител го прикажува на екранот.
Според одбраната, обврска при изведување на доказите е тие да бидат физички достапни пред судот и странките во постапката, со цел да се обезбеди целосна проверливост и процесна транспарентност.
Како причина за тоа што доказите не се наоѓаат во судницата, судијата наведе безбедносни причини, односно дека не било безбедно тие да се чуваат во објектот каде што се одржува судењето. Сепак, одбраната оцени дека ваквото образложение не ја отстранува обврската доказите кои се изведуваат да бидат обезбедени и достапни за непосреден увид за време на расправата.
Според изнесените забелешки, во текот на расправата се презентираат скенирани и фотокопирани материјали, без можност судот и одбраната непосредно да ја проверат нивната автентичност и оригиналност.








