Во населбата Типски во Прилеп, во непосредна близина на стадионот со вештачка трева, во завршна фаза е изградбата на ново детско игралиште кое ќе обезбеди безбеден и квалитетен простор за игра, рекреација и дружење на најмладите.
Градоначалникот Дејан Проданоски информираше дека новото игралиште е дизајнирано да понуди современи услови за децата и нивните семејства. Во рамки на проектот се поставуваат гумена спортска подлога, површина со сепариран песок за играње, лулашки, лизгалки, клупи за одмор, современо осветлување и уредени зелени површини.
Вредноста на инвестицијата изнесува околу четири милиони денари, а проектот се реализира преку Министерството за спорт, во рамките на Повикот за директна помош на општините од Владата на Република Македонија.
„Продолжуваме посветено да инвестираме во проекти кои го подобруваат секојдневието на граѓаните, создаваат подобри услови за развој на децата и придонесуваат за уреден, модерен и квалитетен урбан простор“, порача Проданоски.
Со реализацијата на овој проект, Прилеп добива уште едно современо катче наменето за детска игра и дружење, со што се унапредува урбаната инфраструктура и квалитетот на живот во градот.








