Претседателот на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, упати јавен повик до сите Македонци од Албанија кои имаат право на глас во Република Македонија, да излезат масовно на изборите на 19 октомври 2025 година и да го поддржат број 9 – ВМРО-ДПМНЕ.
Во својата порака, Ѓурѓај истакна дека ова е историски момент за сите Македонци кои живеат надвор од татковината, но остануваат силно поврзани со неа.
„Драги Македонци од Албанија со право на глас во Македонија, ве поканувам масовно да излезете и да гласате за ВМРО-ДПМНЕ, број 9, за подобра иднина. Јас лично, без никакво двоумење, целосно ги поддржувам сите кандидати. Не заборавајте, промената е во ваши раце. Победата ќе биде историска!“ – порача Ѓурѓај.
Со ова обраќање, лидерот на „Илинден“ уште еднаш ја нагласи својата поддршка за политиките што, според него, нудат стабилност, национално единство и економски напредок.
Ѓурѓај повика Македонците од Албанија да ја искористат својата демократска можност и да придонесат за иднината на Македонија преку масовна излезност и поддршка за промените што, како што рече, „ќе донесат подобар живот за сите граѓани“.






