Лажно декларирани како играчки, повеќе од 200.000 кондоми од Кина ги заобиколија барањата за контрола на квалитетот на Европската Унија, изложувајќи ги потрошувачите на опасност и ризик од сексуално преносливи инфекции, несакани бремености и опасни хемикалии и материјали, објави Euronews.
Во ЕУ, кондомите се класифицирани како медицински помагала и мора да ги исполнуваат строгите здравствени и безбедносни стандарди, вклучувајќи контрола на микробиолошка контаминација, биокомпатибилност, отпорност на протекување, пропишани димензии, рок на траење и стабилност. Фалсификуваните производи од Кина ги заобиколиле сите овие услови, според Петр Клемент, раководител на Европската канцеларија за борба против измами.
– Фалсификуваните кондоми се опасни. Тие се нетестирани, неисконтролирани и небезбедни, изјави Клемент.
Фалсификуваните кондоми, за коишто се проценува дека би чинеле вкупно повеќе од 200.000 евра, беа запленети во Романија, Србија и Шпанија.
Европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ, информира дека неисконтролираните производи биле продавани во Европа под името и логото на добро познат бренд. Канцеларијата не го открива називот.
–Тешко е да се дадат точни бројки поради природата на нелегалните мрежи. Фалсификуваната стока е тешко да се пронајде, како што е тешко да се информираат поединците-потрошувачи кои можеби купиле такви кондоми, соопшти ОЛАФ.






