Претседателот на Фудбалска федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, учествуваше на состанок на HatTrick комисијата што се одржа во седиштето на UEFA.

На средбата се разговарало за тековните активности и идните приоритети на HatTrick програмата, која претставува една од најважните развојни иницијативи на европската куќа на фудбалот. Преку оваа програма, повеќе од половина од нето приходите од Европските првенства се реинвестираат во развој на фудбалот во националните федерации.
Омерагиќ истакна дека е значајно што преку оваа програма поддршка добива и македонскиот фудбал, при што Фудбалска федерација на Македонија реализира низа инфраструктурни и развојни проекти.
Според него, средствата од HatTrick програмата се користат за подобрување на условите за работа и развој на фудбалот, како и за создавање подобри услови за тренинг и напредок на младите фудбалери во Македонија.
Омерагиќ нагласи дека ваквите проекти имаат значајна улога во унапредувањето на фудбалската инфраструктура и во создавањето нови можности за младите таленти.
Со учеството на состанокот на HatTrick комисијата, Македонија останува дел од европските развојни процеси во фудбалот, со цел дополнително унапредување на спортот и поддршка на идните генерации фудбалери..








