Како што се приближува финишот на летото, така почнуваат да се сумираат првичните бројки за посетеноста и успешноста на туристичката сезона. Судејќи според динамиката и фреквенцијата на гости, оваа сезона би можела да се оцени како една од поуспешните во последните неколку години. Охрид овој период пулсира со туристи буквално од целиот свет.Сепак, од фелата потсетуваат дека вистинскиот успех на една сезона не се мери само според бројката на остварени престои, туку пред сè според вкупната потрошувачка на гостите во дестинацијата.
За разлика од воздржаноста на експертите, од локалната самоуправа изразуваат оптимизам. Првичните параметри со кои располагаат укажуваат на тоа дека градот и локалната економија оствариле солиден профит ова лето.
Сепак, за да се одржи овој позитивен тренд, туризмолозите предупредуваат дека веќе од следната сезона мора сериозно да се работи на терен. Неопходно е збогатување и разноликост на туристичката понуда, но и итно отстранување на некои децениски негативности кои директно го нарушуваат имиџот на Охрид како водечки туристички центар.
Дека сезоната навести одличен тек покажаа уште предсезонските бројки.Само во месец мај Охрид го посетиле 40.269 регистрирани туристи (10.383 домашни и 29.886 странски), при што биле остварени вкупно 77.347 ноќевања. Споредба со минатата година пак покажува дека Лани, во шпицот на сезоната (јули и август), престојувале околу 84.000 домашни и 67.000 странски туристи.Првичните прогнози и очекувања се дека овогодинешните конечни бројки за јули и август значително ќе ги надминат минатогодишните показатели но колку финансии и бенефит ќе му донесат на градот ќе покажат официјалните бројки во септември.






