Државниот буџет ќе има улога во финансирањето на големите инфраструктурни проекти и во отплатата на дел од кредитите на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во телевизиско интервју. Тој признава дека за проектот на автопатите што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ финансирањето не било обезбедено пред почетокот на изградбата, поради што Владата сега морала дополнително да бара извори на средства.
– Во однос на враќањето на кредитите, во овој момент ЈПДП само си ги враќа кредитите. Како ќе се одвива тоа 10-15 години отсега, ние можеме да претпоставуваме, имаме одредени претпоставки кои ги работиме со директорот Коце Трајановски, но дел од кредитите е очекувано да ги враќа и од буџетот и нема ништо спорно во таа работа – изјави Николоски.
Тој посочи дека изградбата на автопатите не е обврска само на ЈПДП туку на целата држава, бидејќи станува збор за капитални инвестиции од стратешко значење. Според него, нормално е дел од финансирањето да биде обезбеден од државниот буџет, а дел преку задолжување.
За изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10, годинава се обезбедени 103 милиони евра од буџетот и дополнителни 140 милиони евра преку домашните пет најголеми комерцијални банки. Вкупниот износ што треба да биде потрошен за изградбата на автопатите во текот на годината изнесува 243 милиони евра.
– Годинава ќе потрошиме вкупно 243 милиони евра за изградба на автопатите – рече Николоски.
На прашањето зошто средствата за „Бехтел и Енка“ биле префрлени од буџетот кон ЈПДП, со што се отвора простор за други расходи во рамките на буџетскиот дефицит, Николоски одговори дека буџетот има ограничен простор за капитални инвестиции.
– Тогаш „Бехтел и Енка“ ќе работеше на помалку од 140 милиони, затоа што вие не можете да го тегнете буџетот колку вас ви одговара, има јасни правила колку е дефицитот на буџетот, колку се капиталните инвестиции, како се планираат капиталните инвестиции и така натаму – изјави тој.
Николоски призна дека проектот за автопатските делници Тетово –Гостивар, Гостивар – Букојчани, Прилеп – Битола и Требеништа – Ќафасан започнал без целосно обезбедено финансирање. Според него, претходно било потребно да се утврдат изворите на средствата, но сегашната Влада морала да го решава тоа откако изградбата веќе започнала.
– Ние сега секоја година работиме буквално на обезбедување финансирање за овој проект, што секако е многу полошо отколку тоа да било направено од претходната влада пред да почне да се работи проектот – рече Николоски.
Во интервјуто беше отворено и прашањето за финансиската кондиција на ЈПДП, имајќи предвид дека јавно достапниот извештај за првиот квартал од 2026 година покажува кредитни обврски од околу една милијарда евра и значителни обврски кон набавувачите. Дополнително, во извештајот се наведува дека добивката во првиот квартал изнесувала 264,8 милиони денари, односно околу 4,31 милиони евра, што е намалување од 86,3 проценти во споредба со истиот период лани.
Николоски, сепак, смета дека ЈПДП не може да се оценува како приватна компанија, бидејќи реализира инфраструктурни проекти од државен интерес.
– Се вика јавно претпријатие, не се вика приватно претпријатие, не е акционерско друштво. Инвестициите што се прават не се само од крајно деловен карактер туку се од стратешки државен карактер и нормално е дека буџетот ќе му помага на Јавното претпријатие за државни патишта – изјави вицепремиерот.
Тој се осврна и на задолжувањето кај домашните банки, оценувајќи дека е подобро средствата да остануваат во земјава, наместо да се користат кредити од странски финансиски институции. За кредитите од по 140 милиони евра за „Бехтел и Енка“ и за автопатот Охрид – Кичево, Николоски наведе дека се договорени три години грејс-период, девет години отплата и фиксна каматна стапка од 3,95 проценти.
Во меѓувреме, останува отворено прашањето за објавувањето на финансискиот извештај на ЈПДП за вториот квартал од 2026 година. Во интервјуто беше посочено дека законскиот рок за неговото објавување истекол на 30 јули, но документот не бил јавно достапен. Николоски рече дека ќе разговара со директорот Коце Трајановски за да провери дали станува збор за техничка грешка.
Коридорите ја зацврстуваат Македонија
Со изградбата на коридорите 8 и 10, Македонија ќе ја зацврсти својата политичка и економска позиција во регионот, оцени вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во телевизиско интервју. Тој истакна дека Владата има амбициозна цел целосно да ги доизгради двата коридора, нагласувајќи дека нивното значење ги надминува инфраструктурните придобивки. Според него, преку државата се градат шест автопати и две железнички пруги на европските коридори.
Николоски смета дека Коридорот 8 има особено економско значење, додека Коридорот 10 е важен и од безбедносен аспект за НАТО. Според него, нивното целосно функционирање ќе придонесе за поголема регионална поврзаност и посилна позиција на Македонија во европските економски и безбедносни текови.
Вицепремиерот посочи дека инфраструктурните проекти се меѓу приоритетите на Владата, уште од нејзиното формирање во 2024 година, кога премиерот Христијан Мицкоски ги поставил како значајна државна политика. Тој нагласи дека завршувањето на коридорите е важно за долгорочната стабилност и опстојувањето на државата, особено во услови на регионални политички предизвици.
Според Николоски, инвестициите во патната и железничката инфраструктура треба да создадат услови за економски развој, подобра поврзаност со соседните земји и поголема стратешка важност на Македонија.
https://www.vecer.press/za-avtopatite-godinava-se-obezbedeni-243-milioni-evra-del-se-zaem-od-domashnite-banki/






