Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, информираше дека на улицата „Воин Драшкоци“ во населбата Хром навреме бил откриен и отстранет сериозен проблем во канализацискиот колектор.
Според неговата објава, од системот биле извадени теписи, черги, остатоци од влажни марамчиња, облека, завеси, пуцвал и работна облека.
„Овој отпад не се нашол сам во системот за канализација. Луѓе, наши соседи, пријатели, познаници – ова е од некој меѓу нас“, напиша Стојкоски.
Тој случајот го оцени како проблем предизвикан од човечки фактор и предупреди дека ваквото неодговорно однесување може да предизвика сериозни последици за канализацискиот систем.
Според градоначалникот, проблемот бил откриен навреме, а екипите интервенирале во исклучително тешки услови.
„За среќа, овој пат навремено се откри и се реагираше. Ѓорче е безбедно“, порача Стојкоски.






