Од 1 јули во сила стапуваат нови европски правила со кои се проширува контролата врз меѓународниот патен транспорт. Според прописите, комбиња и лесни товарни возила со вкупна дозволена маса од 2,5 до 3,5 тони што вршат прекуграничен превоз на стока ќе мора да бидат опремени со паметен тахограф од втора генерација.
Новите уреди автоматски ќе ги евидентираат преминувањата на државните граници, местата на товарење и истоварување, како и активностите на возачите за време на патувањето. Целта е да се овозможи попрецизен надзор врз транспортните активности и почитувањето на правилата за работното време.
Обврската ќе важи за сите компании и превозници кои извршуваат меѓународен транспорт на стока или каботажни операции во земјите од Европската Унија. Со ова, европските институции ги вклучуваат и помалите товарни возила во системот на контрола, кој досега главно беше наменет за потешките камиони.
Сепак, одредени категории возила остануваат изземени од новите барања. Исклучоци се предвидени за возила што превезуваат материјали до градилишта и работат во радиус до 100 километри од својата база, како и за дел од некомерцијалните превози и транспортот на рачно изработени производи.
Покрај земјите-членки на Европската Унија, новите правила ќе се применуваат и во Велика Британија, Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Надлежните институции очекуваат воведувањето на паметните тахографи да придонесе за поголема транспарентност во транспортниот сектор, поефикасни контроли и подобра заштита на правата на професионалните возачи.








